Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановски за ЦивилМедиа:
Полека, но сигурно, Ѓаволот – во настаните од 27 април минатата година – си доаѓа по своето. Не само заштитениот сведок, туку и „незаштитените“ директни учесници, обвинети за крвавите настани, почнуваат да си ја кажуваат приказната, онаква како што тие сведочеле дека навистина се одвивала. Би требало да знаат што зборуваат, бидејќи тие самите ја одвивале.
Тие драматични искази, всушност, не ни кажуваат ништо што веќе не го знаеме во изминатите дваесетина месеци: настаните се организирани и егзекутирани од професионални структури во македонските служби за безбедност, со намера да се ликвидира или поапси врвот на тогашната нова влада, но и дузина други „цивили“ кои режимот на Груевски ги имаше прогласено за „предавници“.
Сепак, најновите искази на обвинетите ја откриваат и „алката којашто недостасуваше“: евентуалната улога на рибата наречена Ванда – претседателот Иванов. Неговиот советник за национална безбедност и доверлив оперативец од највисок маштаб, г. Синиша Алексовски – припадник на безбедносните служби и на тој менталитет, практично, откако знае за себе – наводно, според сведоштвата на обвинетите, го храбрел „востанието“ врз Собранието со информација дека рибата Ванда вечерта во 22 часот ќе прогласи воена состојба, со што би започнала втората фаза од спроведувањето на државниот удар. Во таа фаза се апсењата, на оние кои го преживеале Собранието, од страна на воената полиција. Дагауууу!
Таквиот развој на настаните ќе овозможеше да се помине на третата фаза: нови преговори за решавање на таа најдлабока криза од сите досегашни кризи, но со Грујо уште на власт (макар во чекалницата на аеродромот во Виена, од каде ќе биде љубезно прибран таа вечер од страна на луѓе во цивилна облека, со гумени ѓонови на чевлите, и однесен во непознат правец!) и со столче за Москва на новата преговарачката маса, кога за тоа ќе се создадеа услови.
За разјаснување на оваа фаза, сепак, ќе треба да причекаме на некои идни сведочења и од луѓе за кои, сега, не можеме ни да ги претпоставиме.
Koлумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.