Времињава се зезнати. Сè е излезено од нормала. Центарот на Скопје не личи на ништо после ајдучкиот проект на Грујо, а не па Чаршијата со секакви градби. Не сум архитект, ниту експерт за урбанизам. Само дете пораснато на Битпазар и во таа Чаршија, со спомени што бледнеат.
Ако најубавата чаршија на Балканот, Башчаршија, има сменето калдрма, без да изгуби на убавина, а дуќаните се со унифицирани излози, и тука не би било тоа проблем. Посебно кога знаеме дека токму тој дел од калдрмата беше непрооден за инвалидски колички и колички за деца, како и водата која се собираше во дупките.
Проблем може да е само квалитетот на изработка и оригиналноста на идејните решенија, за што треба соодветните институции да обрнат внимание, а ние можеме само да нагаѓаме.
Чаршијата треба да се освежи, а да ја задржи автентичноста, бидејќи ништо не трае вечно. Калдрмата и дуќаните во изминативе 500 години повеќепати се менувале. Гореле, се рушеле од земјотреси и бомбардирања, но и се обновувале.
Јас би предложил изготвување идејни решенија за излозите по различни категории: по временски периоди и по занаети, вклучувајќи го мислењето на еснафот. И после граѓаните да одберат кој изглед го сакаат, дали првобитниот, дали по Пиколомини, дали по српската окупација, дали по Втората Светска војна.
А ако не се договориме, најдобро е да ги побараме Турците: другари, ви текнува како ја праевте прв пат? Може сега пак? Пошто ни после 500 години не знаеме една чаршија да направиме како што треба.
ФБ статус на Јасмин Реџепи