Разголување – колумна на Македонка Коцева
Жената што носеше долг фустан до земја повторно ја помина другата страна на улицата.. Неколку погледи од соседното кафуле ја следеа се до аголот, убавата стројна фигура на туѓинката.
Ехх се слушаа притаени машки воздишки.. Каква ли е оваа жена која секој ден носеше долг фустан затворен до грло но секогаш во различна боја со темна нијанса.. Којзнае каква е? И некој од соседните дуќани ќе прозбореше; сигурно премногу згодна, друг ќе дофрлеше можеби е со искривени нозе па ѓи покрива, трет ќе речеше можеби е муслиманка, четврт, ма не не е можно, сигурно е христијанка и така секој ден се плетеа најразлични приказни во соседството за таинствената жена што проаѓаше.. Се дури еден ден ветрот не ја соголи целата вистина пред жедните за приказни чаршлии. Подзинати од чудо тие долго не прозбореа ниту збор бидејќи ниту една нивна верзија зачинета со машка фантазија не се покажа ни приближно вистинита..
Приказните во македонската модерна чаршија (олицетворена во фејсбук и твитер) секојдневно подгреваат разно разни манџи кои небаре се вистински и таман почнуваш да мислиш дека се такви, ќе се појави ветре и до нос ќе ти ја донесе автентичната миризба на ’’храната’’ која не е ни приближно иста со онаа што некој се обидува да прикаже.
Лека полека, македонската јавна сцена се претвори во општа чаршија од типот на евтин панаѓур во кој секој тезгаџија или купувач да може да подвикне кажувајќи било каква лага или вистина а притоа минувачите да подзастанат и сепак да почнат да слушаат.
Ајде што гласно викаат тезгаџиите и сеирџиите, туку на сцена се појавуват и маскираните протугери криејќи се позади туѓи имиња и презимиња, можност за злоупотреба која засега им ја дава технологијата преку фејсбук и твитер а сеуште никој не им ја одзема.
Чаршијата се обидува да го разголи секој и секого и тоа не е толку лошо за една демократија, напротив здраво е. Но што понатаму, кога голем дел од мегафоните се со лажни идентитети? Пропагандната машинерија на една партија која DE JURE си замина од власта а DE FAKTO сеуште е добро укотвена во сите нејзини пори е мајстор за манипулации.
Влегуваме ли во стапица фејсбук и твитер (преку лажни идентитети) да ни креираат политика?! Кому утре ќе му биде гајле дека социјалната помош скокнала за 300% а детски додаток добиваат илјадници дечиња поваќе, ако притоа една таква убава вест не е добро медиумски покриена.?
И така, деновите минуваат а ’’тие’’ се множат, преку ден се раководители и директори, државни советници и чиновници, (сеуште не гибнати) а навечер, преку лажните фб профили упорно ја анатемисуват владата. На почеток исплашени дека ќе бидат разрешени, (нели таков е редот на нешатата) беа некако тивки и зачмаени откако видоа дека никој не ѓи помести се осоколија па на сцената поставија нова ’’претстава’’ уривање на институциите, тие имаат јасна цел, повторно да се вратат нивните.. Но што правиме сите ние кои душата ја оставивме на калдрмите, желни за парче правда и правдина?
МРТВ сеуште го има истиот директор а тоа повлекува сериозни последици, понатаму сеуште стари директори на подружници, претседатели на ограноци на ДПМНЕ сеуште се шефови за јавни набавки.. Неминовно се поставува прашањето што прават сите тие, освен што одвнатре го уриваат системот? Ни се смеат секој ден! Токму така, НИ СЕ СМЕАТ В ЛИЦЕ!
Им се даде шанса да бидат професионалци и голем дел од нив не ја препознаа. Им се даде можност да видат дека владата на Заев е левичарска и мисли за добробит на сите граѓани но тоа го протолкуваа како слабост.
Време е за колективно освестување, државата ни е поважна од се! Кочничари од сите провиниенции, game ower !
Тезата дека сите се исти која толку упорно се се обидовте да ја протнете не ви поминува! А тоа дека не се сите исти мноогу добро си го знаете и самите. Видовме преку Иванов и неговата лакомост за раскрчмување на државните привилегии но и преку Пендаровски кој веднаш се откажа од нив. Не само што има разлика туку невоможна е било каква компарација.
….. Ветрот што толку силно дуваше тој ден безмалку ја симна целата облека на убавата туѓинка.. Под него место искривени или пак убави нозе како што си фантазираше чаршијата, се појави тело целото помодрено од насилство. Подзинаа во неверување. На сите што плетеа скокотливи машки приказни за туѓинката им преседнаа. И кој знае по кој пат се уверија дека ништо не е токму онака како што изгледа…..
Ах ветрот пак се појави, насетувам бура. Некој ќе биде оддуван, некој ќе се спаси, но многумина ќе дочекаат правда и правдина. Бурата најчесто доаѓа со дождови а тие најубаво знаат да ја измијат нечистотија наталожена низ годините.
Насетувам голема бура а таа носи целосно р а з г о л у в а њ е. Маските ќе паднат! А потоа? Потоа, секој со својата слабост или доблест..