Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
-Речиси не поминаа ни 24 часа од изгласувањето на почетокот на процедурата за уставните промени, а ВМРО-ДПМНЕ беше зафатено од внатрепартиска бура што се заканува да помине во ураган!
Се јавија сите бајачки и партиски наречници со фаталистички преданија (меѓу другите, една занимлива колекција од универзитетски професорки со разнишани идеолошки либида, што доведе до низа јавно изјавени глупости со шизофрен импакт фактор); плачливите крици од некогаш моќното пропагандистичко криминално подземје делуваат како врз нив да се затвора дебела бетонска плоча што, своевремено, ја беа намениле за други; поапсените „патриоти“ кои беа подготвени за потребите на власта да убиваат, сега нудат маслинови гранчиња како наместо качулки, да носеле „сини шлемови“ од платниот список на Гутереш; една армија дезориентирани партиски послушници, останати без оглав и остен, талкаат на Фејсбук во потрага по некое ново налудничаво туѓо јас (има еден Апасиев, тој таман ќе ви земе мерка!) што ќе им каже во која следна провалија треба да рипнат; а една особена колекција на пратенички и функционерски гадинки (ова, во немање на поточен квалификатив), кои со години го аминуваа и со ентузијазам учествуваа во разнебитувањето на македонската демократија и правниот систем, сега бладаат против „режимот“, „диктатурата“, „хунтата“, бидејќи добар дел од нив се свесни дека за нив никој нема да се пазари…
(Дигресија: Овие, смотаниве од СДСМ, кога навистина би биле способни да воспостават режим и диктатура, да немате сомневање, ќе бидат славени од истите овие кои сега „сечат вени“ по слобода и правда!)
Од страна гледајќи, мислам дека полека се исцртува хоризонтот на силите во внатрепартиската „граѓанска војна“ што е започната во ВМРО-ДПМНЕ и во трката за тоа кој да биде побрз во обидот за пуч против другите…
Во ваков контекст, долгогодишното владејачко алтер его на Никола Груевски, Сашо Мијалков – од кого во партијата десетина години добиваа неконтролиран пролив кога само ќе му се спомнеше името, а сè уште се плашат јасно да кажат за што, всушност, сега го обвинуваат? – ќе биде прогласен за главен виновник за распадот на партијата. Самиот Груевски (чие име чудесно го нема во партиските соопштенија и катиљ-фермани, иако е тој во суштината на оваа партиска психо-драма!) е на пат да стане типичен вмровски народен херој-кабадахија, по кого ќе се крсти новиот булевар до Идризово, кога партијата ќе се врати на власт. Христијан Мицкоски, транзицискиот лабораториски експеримент на Фамилијата, е во несмасен обид да се востоличи за херој-спасител на „стариот углед“ (?!) на партијата. Сите кои бараат западни демократски вредности и понатаму се „предавници“. Обвинетите за тероризам и бројни други кривични дела се невини жртви на „хунтата на Заев“, за чие спасување партијата не е подготвена да се пазари, бидејќи со терористи не се преговара. На Исток се раѓа новото сонце на слободата, а на Запад е најтемно пред изгревање…
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.