ПРЕСВРТ, ИЛИ …?

Дали се навестува некаква нова македонска (културна) стварност со неодамнешниот „протест“ на филмските професионалци? Можеби, зашто секој протест, па и ваков, е показател на некои нови односи, поинакви размислувања, дури и иницијативи, или обид, како сакате, за одговорно вклучување во разрешувањето на децениските проблеми во македонската култура. Иако, признавам, не верував дека токму филмаџиите ќе бидат тие што ќе го кршат мразот на наталоженото „незадоволство“ или, подобро речено, на жалта за минатите добри (и богати!) времиња. Е сега, некои зборови ги ставам во наводници („протест“, „незадоволство“ и сл.) зашто пројавеното и не е баш некоја добра илустрација за поимите односно нивните основни значења. На пример, „протестот“ и не беше некој протест заради кратењата во филмскиот буџет, зашто барем половината од присутните имат однапред обезбедена работа за две-три години. Платена со наши пари, а ветени од пуфлана која глумеше министерка. Или, ако сакате, кога на тој „протест“ ќе ја видите и едната од дуото рифеншталки – демек еве и тие се бунат – се’ ви станува (по)јасно! Тоа некако му доаѓа исто како кога онаа тв шмизлана која милува узди му се потсмева на македонскиот клиентелизам.

Но, ова не значи дека немам почит кон „протестот“ на филмаџиите. Напротив. Иако, велам, очекував некој друг да го крши мразот. На пример, ликовните уметници – инаку заспани како локални дремливи трнорушки во децениски зимски сон – или можеби писателите, (не само) апропо последените циркузантски делења на светоклиментовите награди туку и заради сите нивни клиентелистички „колеги“ – од библиотекарон академик па надолу – кои така помпезно го извалкаа поимот писател во македонската култура … Но, повторно, филмаџиите изненадија, пријатно, се разбира, особено и заради самокритичката интонација на „протестот“. Велат: „помеѓу делата кои ги создаваме има катастрофални промашувања“, „меѓу нас, за жал, има и залутани поединци и нечесни профитери“ итн. Тоа не е лесно да се признае. Но – значајно е! Зашто само така може да се тргне напред. А тие очигледно тоа го сакаат. Прашањето е дали само преку еден „протест“ може да се измие сиот гнилеж наталожен во македонскиот филм?

Од друга страна, дали „протестот“ ќе се случеше ако нештата продолжеа по старо односно ако буџетот за филм останеше на рамништето на претходните години? Веројатно – не. И тоа е најголемиот проблем не само на македонскиот филм туку и на целата македонска култура. Ако некој сака да го види, се разбира. Некој ќе рече: мирот во македонската култура секогаш бил купуван со пари! И ќе биде во право, нормално. Ние не ги решаваме проблемите, ние ги (от)купуваме. Со пари – буџетски, односно народни. Вети повеќе пари и сите проблеми се решени. Филмаџиите не седнаа, како што впрочем доликува на една сериозна „фела“, целосно и професионално да ја разврзат приказната околу сите скандалозни „творби“ финансирани со државни пари а во партиски интереси, почнувајќи од разноразни александри и самоили, денови со или без име и слични идиотизми. Тоа впрочем (се’ уште) не го направи никој во македонската култура! (Освен, делумно, Министерството за култура!). Никој, а најмалку професионалните асоцијации или најважните македонски културни институции, не излезе во јавноста со прецизни показатели за сите криминали, узурпации и злоуптреби што ни се случуваа во културата во изминатата деценија. Та зарем злосторничкана банда самата ги правеше сите злодела во културата: во заштитата на културното наследство со пишење и бришење на заштитеното наследство, со градење на оној галиматијас на Плаошник но и во Скопје, со идиотштинине на скопското Кале … та зарем само во Охридскиот завод имало криминал … а во Управата за заштита не …?; во филмот, со сите оние преплатени „сценарија“ за наводни историски теми и личности, или за онаа демек мамутска серија (за која што сепак некој ќе одговара, ама благодарејќи само и исклучиво на нечии лични напори!); или во издаваштвото за сите оние стотици томови што сега скапуваат по разноразни магацини а беа одобрувани од библиотекарон кој за тоа беше промовиран во академик, но и од многумина други „еминентни“ писатели / професори, дополнително наградувани и со сите можни државни награди; па во театарот, почнувајќи со оној несреќен „нов“ објект за кој што (се’ уште) никој не одговара, ама заборавајќи ги и сите скапи „премиери“, па нововработени „глумци“, па самоволно зголемени плати …; во музеите со сите идиотски „поставки“ и криминални директори, со сите оние партиски кадри кои со години не одеа на работа а земаа плата, и се’ уште се таму а компањоните ги кријат дури и по повикот од Владата …? Зарем немаат ни професионалните асоцијации ништо да кажат за неколкугодишното бесрамно расфрлање со буџетски средства на име на божемно „откупување“ на слики, скулптури, нарачување сценарија, музички композиции и секакво друго „творечко“ ѓубре? Ќе почне ли културата самата да „се чисти“ и отсрамува одвнатре, наместо тоа во нејзино име да го прави политиката? Или македонската култура се’ уште мисли дека сите оние пари изнапикани по џебовите и сметките се – заслужени? И треба да се побуни само ако некој чепне во нив? Како и да е’, можеби пресвртов со филмаџииве најавува некаква возбудлива зима?

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e