Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Фросина Факова – Серафиновиќ за Независен:
-Во петок поранешниот премиер Никола Груевски во судница дозна дека Апелацискиот суд ја потврди двегодишната затворска казна за незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“. Еден петок не му стигна никаков абер од судот за случајот „Тенк“, а веќе следниот петок среде уставната драма во Собранието стигна веста дека одлуката за затворската казна од Апелација стигнала до Кривичен суд. По точно една седмица, исто така во петок, додека чекаше да почне судењето за случајот „Траекторија“, го прими упатниот акт во кој пишува дека најдоцна до 8 ноември треба да се спакува и да се јави во затворот во Шутка, каде што се издржува притвор и каде што се упатуваат лица осудени на затворска казна до три години.
Груевски речиси еден месец е правосилно осудено лице, но процедурите за него траат долго, секој лист што го добива од судот и секое препраќање од еден суд во друг суд е вест за медиумите. Но, ништо не е готово сè додека Груевски не стапне во затворот во Шутка, со оглед на тоа дека има судии кои и по промената на власта испраќаат апел дека не сакаат да го носат срамот на некои свои колеги кои не ја заслужуваат функцијата. Правните лавиринти сега се префрлаат во Врховниот суд на чие чело е старо-новиот претседател, Јово Вангеловски. Засега Вангеловски не коментира ништо бидејќи секој случај е различен сам по себе, но практиката покажува дека Вангеловски е „махер“ правно да ги образложи одлуките на судот за кои речиси цела јавност се сомнева дека зад нив стои некаква политичка игра. Неговата совест е чиста и за бегството на ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, но и за бегството на бизнисменот Сеад Кочан. Врховниот суд е институцијата преку која од затвор се спаси поранешниот премиер Владо Бучковски бидејќи му дозволи одложување на казната сè додека не се произнесат по поднесеното барање за вонредно преиспитување, за по две години да одлучат да ги укинат првостепената и второстепената пресуда.
Можно е Груевски да стане првиот поранешен премиер во Македонија кој ќе заврши во затвор за злоупотреби за кои е обвинет додека бил премиер, бидејќи Бучковски се сомничеше за злоупотреби кои ги направил додека бил министер за одбрана. Тој во случајот „Тенк“ е осуден за примање награда за противзаконито влијание, дело за кое е предвидена најниска затворска казна во однос на другите дела за кои го гони Специјалното јавно обвинителство.
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.