Да не се секираме. Амнестијата не ја има смислено Зоран Заев.
1. Нормално е дека сум против Законот за амнестија. Кој нормален би бил „за“ таков закон, со кој ќе се ослободат од кривично гонење одговорните за најстрашниот настан во современата историја – нападот на Собранието на 27 април 2017 и обидот за пуч? Разбирлива е резигнацијата дека е изневерено мотото „Нема правда, нема мир“. И дека дури и она „Шутка не ти бега, Никола“ веќе не важи.
Ама, вреди ли да се трошиме на резигнација? Дај еднаш да го затвориме прашањето за опстанок на државата. И да ја чуваме силата да почнеме одново. Кога ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори со ЕУ. Белким тогаш навистина ќе градиме правна држава.
Не ви се верува дека и тогаш Македонија ќе ја биде? Искрено и јас сум малку скептичен. Ама па, имаме ли друго решение? Имаме ли време за друга шанса?
Впрочем, зарем некој сакаше да го менува името? Тоа е многу поболно и пофрустрирачко од амнестијата за 27 април. За да се остварат повисоки цели, особено во глобалната политика, решенијата се практични. Што не значи и дека се праведни.
Така што, да не се секираме. Амнестијата не ја има смислено Зоран Заев. Јасно беше дека за брзо да помине Договорот од Преспа и уставните измени амнестијата се покажа како најпрактично решение. И ако НАТО веќе нема време за чекање, ние па – ич. И кога се жестиме дека веќе не вреди ни да се протестира, ни да се излегува на избори, да се сетиме дека Македонија како држава сѐ уште е во фазата „Ако се пазариме, барем да ќариме“.
Па никој не е толку глупав да не знае што е правна држава. И дека сака да живее во држава во која правото владее за сите подеднакво. Ама па, ние 27 години глумиме дека имаме правна држава. А замижуваме пред фактот дека немаме правна држава. И што сега? Дојде СДСМ на власт и прогледавме? Поарно уште два-три месеци да помижиме, отколку баш сега да се соживееме со улогата дека стварно имаме правна држава. Оти ако продолжиме да глумиме, може да ни се случи вгодина ова време и да немаме држава. Звучи страшно, ама без НАТО и без ЕУ нема да се затвори прашањето за опстанокот на Македонија. Дај барем да го тргнеме тој товар со кој живееме 27 години.
2. Туку што правиме после? Многу поголемо разочарување од самата амнестија за извршителите ќе биде ако не се откријат и ако не се казнат организаторите на нападот на Собранието. И уште пострашно ќе биде ако некој од тие организатори ни се врати на власт.
Ама најстрашно е дека, додека се занимаваме со глобална геостратегија и перспектива и се трошиме со резигнација, во секојдневниот живот ни се случува распад на системот. И на институциите. И на вредностите. И на човечкиот капитал.