Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:
-Во право е опозицијата. Тешко дека Македонија ќе може да се приближи кон ЕУ. Особено не со ова ВМРО-ДПМНЕ. Последната надеж дека кај нив има макар и 1 (еден) микрограм на разум и одговорност во актуелниот момент, ја погребаa самите.
Мнозинството пратеници се изјаснија за бојкот и потврдија дека „патриотски“ ќе ја саботираат можноста Македонија да се ослободи од долгогодишната грда референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Односно, дека ќе се борат таа да остане „вечна“, одбележана со ПЈРМ, ФИРОМ и други „достоинствени“ акроними. Нивен став, нивно право, нивна одговорност.
Но, она што повеќе загрижува, е фактот дека буквално никој, НИТУ ЕДЕН од партијата не се јави да реагира и да ја осуди скандалозната изјава на Јохан Тарчуловски, во однос на пораката што ја испрати заедно со ставот за референдумот.
Бидејќи многумина ми велат дека „не ја прочитале“, претпоставувам и ОЈО, еве да ги потсетам што напиша тој на Фејсбук: „Се колнам во Бога, во верата и во својата татковина Македонија, дека безусловно ќе го почитувам и штитам македонскиот Устав, дека нема НИКОГАШ да гласам за негово менување и без приговор ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ, чиј народен избраник сум во македонскиот парламент. Во спротивен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам!“
Чест на исклучоците во партијата, кои се навистина многу ретки, но ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати нѐ увери какви големи „демохристијани“ има во нејзините редови. И тогаш кога кренаа рака во парламентот (27 април 2017) и тогаш кога удираа пратеници и бремени жени во парламентот (24 декември 2012), и многупати досега кога јазикот на разбирањето и почитта го заменуваа со јазик на омраза и поделби.
Драги демохристијани, дали вашиот молк значи дека ви е сосема прифатливо кога вашиот брат и сопартиец Јохан Тарчуловски го става Бог во иста реченица со убиство, кама и пиштол? Дали воопшто разбирате дека кога Тарчуловски повикува „да биде убиен“ доколку го изневери народот, праќа (ин)директна порака дека таква казна е прифатлива и за секој друг што би го изневерил народот, според неговото сфаќање на тоа „изневерување“. Треба ли да ве потсетам дека вака дојдовме до 27 април?
Целата колумна на Призма на следниот ЛИНК.