Како што стојат работите, оставка или менување на Христијан Мицкоски е недостижна работа за оние што бараат тој да си оди. Ним ќе им треба многу повмрежена структура, повеќе енергија и вистинска порака за да го симнат.
Два паралелни политички процеси се одвиваат во овој момент во државава кои се како поврзани садови. Едниот е етаблирањето на владејачката структура, во која иако седат досегашните партнери односите меѓу нив допрва треба да се калибрираат за да не летаат искри на сите страни и за да може да испорачаат успех. Вториот е подгревањето на кашата во ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиното евентуално зовривање во голема мерка директно ќе зависи од успехот на владата.
На прв поглед оваа влада изгледа дека може да биде подобра од претходната, затоа што е направена по три години искуство на социјалдемократите во власта, откако заборавија што значи да се владее по толку многу горчливи порази за нив, по едно исфрлање на клоци од парламентот, по потрагата за одговор на вмровското владеење и окупацијата на секое можно прозорче за политичко дишење, по тоа што буквално преживеаја по дивјачкиот упад на 27 април. Првата влада за нив беше како некаков „тим на слободата“, кој за три години некако научи како функционираат лостовите на владеењето, но кој едвај испорача половина од она што од него се очекуваше. Граѓаните покажаа извесна толеранција на изборите за неуспесите на првиот кабинет (и ги вреднуваа дострелите во надворешната политика), но прагот на прогледувањето низ прсти веќе е спуштен на многу ниско ниво. Веројатно тоа го имал на ум Зоран Заев, кога предложи помал кабинет и кога ги создаваше контурите на тимот. Помала, покомпактна екипа може да продуцира поголема енергија, но дали таа ќе биде искористена на вистински начин и ќе продуцира вистински резултати е веќе друго прашање. Јасно е само едно – оваа влада нема ни 10 дена за оценка на нејзината работа, а не како што вообичаено се вели – 100 дена, затоа што проблемите се толку големи, а има десетици и десетици одлуки (главно поврзани со корона кризата) кои мора да се носат веднаш.
Токму од успехот на новиот кабинет на Заев ќе зависи во голема мерка и судбината на Христијан Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Нема тука ништо необично – доколку се остварат оценките на вмровскиот лидер дека оваа влада е составена од „стари, истрошени, компромитирани транзициски кадри“, тоа ќе стави многу голем товар на неговата страна од вагата во внатрешните превирања во партијата и таа ќе може да се регрупира по трите последователни изборни порази. Доколку, пак, неговите прокламации се покажат за погрешни, ако есенва и официјално започнат преговорите со ЕУ (како што најави Ангела Меркел) и брзо се отворат повеќе поглавја, тоа ќе биде уште една промашена реторика на Мицкоски на ѓерданот околу неговиот врат и ќе може да се пофали дека бил политичар кој ништо не успеал да погоди и ништо не успеал да оствари.
Искршен мозаик
Разврската во ВМРО-ДПМНЕ е многу важна за македонската политика и вербата на граѓаните во неа, а не само заради евентуалната промена на лидерството. Тоа, во конкретниот случај, и не е многу важно. Од јуни 1990 до декември 2017 година партијата беше водена само од двајца лидери кои со годините создаваа огромни лојалистички структури, од кои најголемиот дел имаа сериозна корист. Системот на функционирањето на партијата добиваше бетонска архитектура низ која не можеше да дувне ни демократски развигорец. Сѐ беше подредено на моќта на лидерот и на „трустот мозоци“ околу него. Тоа доби неверојатни внатрепартиски авторитарни размери во годините на Никола Груевски.
Целата колумн на Љупчо Поповски за Дојче веле на следниот ЛИНК.