Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановски за ЦивилМедиа:
-Мислам дека сите се согласуваат дека онаа голема, празна парцела наспроти хотелот „Холидеј ин“ во Скопје сега не служи за ништо друго, освен како површински, секогаш исклучително валкан, паркинг за неколку стотици возила за оние граѓани кои за некаква работа гравитираат во центарот на градот. И, така, со години таа зарасната грдотија со нискостеблести пластични кеси и друг разновиден смет никому не му пречи, односно толку се навикнавме на неа, што веќе не ја ни забележувавме.
Локацијата е премиум, со сегашен статус на урбана црна дупка. Му се смеевме на Грујо кога пред десетина години слушнавме дека таму се планираат три стокатници – со кого си го „мериме“, за да градиме стокатници? Која водена пумпа во Скопје ќе функционира 364 дена во годината за да качи вода до 47 или 72 кат? Првите три ката нема да сакаат да плаќаат за одржување на лифтовите, последните шест ката нема да сакаат да плаќаат за одржување на подрумите, не ќе има кој да смени сијалици по ходниците кога ќе прегорат, кој ќе го кречи тоа чудо третата година од вселувањето, а можам и да замислам со кое забрзување ќе летаат кесите со ѓубре надолу, фрлени од 32 или 67 кат!
Па, еве, 40 ката по 5-6-9 стана на кат, помножено со три кули, тоа ви се неколку стотици автомобили само за нивните станари – баталете подземни гаражи, кој скопјанец паркира на трето ниво под земја за да го качи зембилот до 38 кат?! Околните тротоари ќе треба да бидат по 30 метри широки за да се наредат сите тие коли една врз друга, додека тркнеш на 27 кат за да го оставиш детето од градинка…
Има смисла за тоа на Менхетен, во Монако или во Хонгконг и Сингапур каде, просто, нема слободна локација, нема празен квадрат, за големите побарувања на пазарот за деловен и животен простор, па освојувањето на небото е единствената опција… А во Скопје празни станови и дуќани има колку сакате, каде сакате, кога сакате, на сите можни локации, од центар до Драчево! На пример, карши, во ГТЦ, сега има десетици испразнети дуќани, а во оние полуизградени облакодери во Аеродром – ако баш ви дошло до височина – што ги градат Турците, со години не знаат што да им прават на празните станови.
А зошто на тоа место не се направи нешто нормално, во нормални димензии и со нормални содржини? Во ред, не сум против контроверзни архитектонски концепти – напротив – но, не може контроверзноста единствено да се мери според исплатливоста на пресметките на приватните инвеститори.
Колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.