Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:
На една тет-а-тет средба со премиерот Заев, речиси веднаш по воспоставувањето на владата, една од четирите теми за кои разговаравме беше очекувањето правдата да биде задоволена час поскоро: носителите на криминалниот режим да одговараат.
“Друже, никогаш, на ниеден начин не мислам да се одмаздувам. Нема да се мешам во судските процеси, ниту ќе вршам притисок. Не сум Груевски и немам намера да бидам. Режимот ќе го победиме низ процес и со законитост. Тоа нема да биде брзо, но правдата ќе биде задоволена.“ – ми рече. Сѐ уште имаше видлива лузна од нападот на Собранието на 27 април, минатата година.
Режимот сѐ уште е жив
За само една и пол година, премногу вода протече под гротескните мостови над Вардар. Надојдените политички води често се закануваа дека ќе нѐ поплават. Земјата е премногу мала и сиромашна, со сѐ помал број жители, за да издржи толку турбуленции, да добие толку ветувања, да има толку надежи и речиси исто толку разочарувања. Но, некако се турка… Со многу препнувања и трк во место… Многу настани и причини за славење, но и големи грешки, намерни и ненамерни, некои и со епски размери.
И, ете, уште не се прибравме од едно, а веројатно ќе треба да одиме на ново гласање. А потоа уште едно напролет. Со сите тешки системски фелери на таа патека до избирачките места…
Една од најчестите констатации на луѓето со кои се среќавам оваа година е дека режимот на Груевски сѐ уште е жив и дека неговите луѓе грчевито ги бранат своите позиции, менуваат капи, се премачкуваат со разни бои, а некои добија потврда на нивните позиции, ако не и дополнителна моќ.
На улица, на состаноци, на настани, луѓето не пропуштаат да го искажат своето разочарување од бавноста на реформите, коруптивните скандали, сјаши-Курто-узјаши-Мурто симптомите. Се чини дека тоа најмногу се должи на предолгиот период во кој осомничените, Груевски и неговото криминално здружение, уживаат во својот продолжен политички живот, особено преку своите марионети како Мицкоски.
Долга е раката на ВМРО, но…
Сега, кога е сосема извесно дека Груевски, сепак, ќе го гледа светот од внатрешната страна на затворските ѕидови, ќе настапи период на пресметки за преживување во новите услови. Еден од двајцата главни ликови на Фамилијата е нокаутиран, деновиве ќе паднат уште неколку пресуди, меѓу кои и една за уплаканата „никогаш не сум вршела притисок“ – Гоца Шлем. За голем дел од останатите, вклучувајќи го и Братучедот, се водат судски процеси или се привршуваат истрагите во СЈО. Сега треба да се преживее. Тоа нема да биде многу тешко, бидејќи владата на Заев и онака не се однесува одмазднички.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.