Дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:
Црна се чума зададе над Македонија. Не ми биле корона микроби, туку таен катил ферман, никој да не знае, испратен од Софија до Брисел со директива Европа на Македонците да им го откорне и јазикот.
Откако Грците ни го зедоа името на државата и националниот идентитет, се јави и бугарското страшило кое во спрега со монструозните македонски предавници, кои потпишуваат бланко капитулации, се обидуваат да ни го избришат и јазикот подметнат од „џуџето од Небрегово“ како бугарски дијалект. Тоа беше ставот на еден од големите патриоти на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за таткото на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, јавно публикуван и никогаш неповлечен, без ниту една ограда и извинување за навредата на целиот македонски народ каква досега не е изговорена на ваков начин ни во Македонија, а ни кај проблематичните соседи.
Штом се прават големи тензии со лажни приказни за национални трагедии, предавства и капитулации, значи на голема врата почна партиското пазарење за датумот на избори. Секогаш во Македонија позначаен од датумот за преговори со ЕУ.
Силниот мотив на Александар Николоски
Ете тоа било силниот мотив на големиот јунак да крене ѓурултија до небото да не останеме и без јазик, како што останавме и без име и без идентитет. Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, го откри ова најново предавство на македонските национални интереси.
Што мислите, дали затоа сега ечат пискотници од Табановце до Гевгелија. НЕ. Сигурно НЕ, оти таква опасност не постои. Страшилото е ставено во нивата со лански праски да ги плаши чавките. Во ВМРО-ДПМНЕ има уплав од избори пред летото. А во СДСМ пред зимата. Затоа сега треба да се прават големи тензии со приказни за национални трагедии, да се мати водата во која тазе патриотите секогаш добро пливаат, а Македонија се дави. Хаосот им е природна средина.
Александар Николоски и Антонијо Милошоски се задолжени да откриваат тајни светски заговори и јавни домашни непријатели против Македонија. Ептен бајати теми, полни со лаги кои се добро познати на јавноста и во Македонија и во Бугарија, но секогаш за нив има плодно тло на двете страни.
Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.