Патриоти

Да, тоа се патриоти.
Почитувани, вистински патриоти се сите оние во Собранието кои го дадоа својот глас за нашата иднина, оние пратеници кои го издржаа овој мачен период од три месеци и не потклекнаа на сите притисоци, навреди и омаловажувања кои ги следеа постојано.

Но во оваа група на вистински патриоти без сомнение сме и сите ние кои со нашите ставови и тези со кои се боревме јавно и го браневме Преспанскиот Договор дадовме голем придонес за многу наши сограѓани да ги согледаат работите реално и вистински, за да на крајот разберат дека тоа беше нашиот единствен пат. До колку успеавме во ова навистина сум среќен, а знам дека успеавме по тоа што добивав поддршка од многу луѓе кои не ги познавам и тоа онака на улица, случајно. Ама вистински патриоти се и сите граѓани на нашата Македонија кои излегоа на референдумот, кои не поддржуваа целиот овој период и покрај силните пропаганди дека ова е предавство, дека Македонија ќе ја нема и целиот арсенал на оние будалаштини кои не следеа, но сепак издржаа и не ја променија страната.

Но вистински патриоти се и лидерите на сите политички партии од владината коалиција, помали и поголеми, кои застанаа зад ова до крај. И кога референдумот не успеа поради бојкотот на опозицијата, сите политички партии и нивните лидери останаа до крај со својата поддршка кон владата и премиерот, со верба дека ова мора да се заврши, Македонија мора да биде дел од обединета Европа, тоа беше нивното мото кое ги водеше а не ситно партиски интереси и им честитам за тоа, таму видов многу зрели и паметни луѓе.

Но секако, сето ова немаше да биде без големата храброст и упорност на премиерот Зоран Заев и луѓето околу него, луѓето од неговата партија, кои го поддржуваа, кој ја стави на една карта и беше спремен да ја жртвува целата своја политичка кариера за да успее овој договор со Република Грција и конечно да тргнеме напред како држава, тоа е за почит и му честитам на храброста. Тоа е всушност патриотизам, се друго се приказни.
Но овој процес беше мачен и тежок, беше многу тежок. Многу наши граѓани не веруваа во ова. Јас потполно ги разбирам затоа што ова беше прашање кое повеќе задира во емоциите на луѓето и тие реагираат ирационално. Тешко е да промените име на држава. Но треба да бидеме искрени пред себе и да си признаеме дека географска одредница сепак не е промена на име. Со географската одредница сепак не го изгубивме идентитетот и ќе видите дека така ќе биде. Многу ми е криво за оние луѓе кои беа со нас не поддржуваа потоа наеднаш под влијание на пропагандата поминаа на другата страна, престанаа да веруваат, па почнаа да напаѓаат, да плукаат, како да не го разбраа овој историски момент кој е значаен за нашата земја. Секогаш им велев абе верувајте до крај не се откажувајте, ама тоа е.

Затоа велам цената која требаше да се плати за да успее Македонија беше голема. Многу “крв“ требаше да се пролие за да се успее. Ги разбирам сосема и оние наши луѓе кои се разочараа во владата поради амнестијата и поради многу други ситни работи кои моравме да ги направиме за да успее овој процес. Но дали имавме избор? Па кој сакаше амнестија? Ви гарантирам нема таков. Ама мораше така. Потребно е да се разбере моментот. За жал многумина повторно не го разбраа па истурија цел арсенал плукања, мудрувања, држеа лекции по право како требало да биде, божем ние не знаевме како требало, ама изгледа не е како требало туку како морало. На крајот сепак успеавме, одиме понатаму. Ќе видите понатаму кога постепено ќе напредуваме и ќе го газиме патот кон ЕУ како сите работи ќе си дојдат на свое место, и правото и правдата, и демократијата и институциите се ќе се нареди како што треба. Секој ќе одговара за се што направил, ниту амнестија ниту свети амнестија ќе го спаси. Бидете убедени и ќе видите, само да го почнеме процесот, па полека полека ќе стануваме држава со сите нишани.
Знаете, на крајот ќе се сложам, имало многу патриоти овде кај нас, во оваа наша мала и убава земја. Но жал ми е што од денес многу од тие лажни патриоти ќе ги “оставиме без работа“. Едноставно што ќе прават. Потребата од нивно постоење ќе биде веќе безпредметна. Да за се ќе се сложам.
Ама нема да се сложам никако дека Христијан Мицковски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ биле патриоти, е со тоа верувам дека и повќето луѓе нема да се сложат. Морам да кажам дека улогата на Христијан и неговите луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, во целиот овој период пред и по референдумот, пред и по гласањето на уставните амандмани, беше срамна и предавничка за Македонија. Така не треба да се однесува лидер на опозицијата, крајно калкулантски и неодговорно, без никаков став, едноставно манипулантски со празни фрази. Затоа сега е поразен и ќе плаче. Ќе видите за кратко време по претседателските избори ќе биде поразен и од своите во партијата и така и ќе замине како што дојде, неславно.
Е не може друже Мицко друг да ти ги решава тешките прашања а ти да бидеш патриот, не бива така, те прочитаа. Демек ние ќе бојкотираме, ќе плукаме, ќе протестираме, а овие другиве будали нека решаваат за нашата иднина, па ние ќе се вратиме на власт како патриоти, е мало сутра ќе се вратите како патриоти да ти кажам. Некои луѓе од опозицијата со право велат дека ВМРО-ДПМНЕ не сакала да даде отпор кон Договорот и само глумела нешто, но и тоа да е така не е оправдување за нивната неодговорна улога која ја имаа во овој период, пред се со бојкотот на референдумот, крајно неодговорно.
За оние другите групи кои протестираа, разни Бачевци, Солзи, Миленковци, Левици, па и десници, немам што да кажам. Секој во демократија има право да протестира и никој не може да го спречи, во секоја држава постојат такви маргинални и небитни ликови што мислам дека ни по дома не ги сакаат, кои не можат ништо битно да направат со јавното мислење но постојат, тука се, но се небитни како ланскиот снег, што друго да кажам, се патриот до патриот.
Но сето тоа на крајот е небитно. Битно е дека сите заедно извојувавме една голем битка која верувам за брзо време ќе се финишира и во Парламентот во Атина, па нашата Македонија конечно ќе ги отвори вратите на една посветла и поизвесна иднина за сите нас, да сме живи и здрави и да ни биде срекна оваа година.

м-р Глигор Стоименов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e