Ова е таа недела

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

-Ова е таа недела кога работите се чинат истовремено и безнадежни и ветувачки, кога расположенијата се менуваат во зависност од тоа со кого последен сте разговарале, кого сте надвикале во кафеанската или телевизиската дебата или на која расправија сте се закачиле на Фејсбук. Ова е таа недела во која ќе се цитираат објавени текстови од Огнена Земја до Камчатка и дадени изјави од Улан Батор до Конго Киншаса, во зависност од опортунитетот на дадените политички ставови.

Ова е таа недела кога се кажуваат глупости по кои ќе ве паметат до века и кога се раскинуваат пријателства кои можеле да траат до крајот на животот за работи за кои само до пред една недела ќе ги премолчевте или барем ќе се направевте дека не сте ги дочуле.

Ова е таа недела кога се пуштаат пробни балони за најлуди можни сценарија и кога сите комбинации и дијаметрално спротивни можности се чинат, едновремено, подеднакво физибилни и исто толку неостварливи.

Значи, тоа е таа стандардна македонска недела за најавување на уште една, којзнае која по ред, тешка политичка криза во земјава, во која половина од оние кои останале овде жалат што не заминале кога уште можеле, додека другата половина жали што другиве останале, а можеле на време да си заминат.

Сега е вистинската недела да се извади истиот, стар, балкански подзар’ѓан сад за маткање јајца и во него да се помешаат малодушноста, триумфализмот, рационалноста, небулозите, провокациите и разните мижи-бутај комбинации што се чуваат како зимница во шпајзови и подруми само за вакви прилики, за вакви недели. Кога, ако не сега!?

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e