Основна иновација

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Блажевска за „Призма“:

-Несреќата сакаше Македонија да ја потврди својата солидарност токму во деновите кога одново се потсетува колку било важно некој да ти подаде рака, ако цел еден град ти се претворил во урнатини. Поликлиниката „Букурешт“, улиците „Атинска“, „Финска“ „Њуделхиска“, „Мексичка“, „Алжирска“… и ред други немо сведочат од кои земји и градови стигнувала помош за Скопје.

Зад тие имиња се кријат многу поголеми приказни од она што може да се изрази во бројки на доставени единици крв, ќебиња, шатори, лопати, монтажни бараки, храна…

Од земја и град, кои знаат што значи природна катастрофа, не само во случајот со земјотресот, туку и по страотните поплави што го зафатија Скопско пред две години, не се очекува ништо помалку од она што го направи Владата: интервентна помош за Грција (од шест милиони денари) и дополнителна помош што би била испорачана во консултации со Атина. Тука е и помошта од Град Скопје од еден милион денари, исто толку и во опрема, како и бројни донаторски акции во општини, кафулиња, хуманитарни организации…

Тоа е вистинското лице на Македонија – пријателска и солидарна. Тој лик не може да го нарушат индивидуални и крајно нечовечки ликувања за „заслужена судбина“ што ги стигнала нашите соседи. За кого разговараме? За невини жртви, како шестмесечно бебе, за деца, родители, за луѓе кои немаат ништо со крвавата историја на овие балкански простори во минатото. Никој од нив не е должен да плаќа „цех“ за времињата во кои војните и страдањата никому не му донеле ништо добро, вклучително и на оние што ги почнале.

Заслепените од омраза треба да се сетат дека не беше постигнат никаков договор меѓу Македонија и Грција, ниту имаше каков било почеток на поблиски контакти, кога од Грција стигна помош за поплавените села во Скопско, и тоа она што најмногу беше потребно во моментот: преносливи пумпи и генератори. Потоа и сѐ друго.

Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e