Дали е ова што се случи на локалните избори добро за демократијата, се прашуваат луѓето кои мислат дека се аналитичари или други ги убедиле дека многу добро знаат што се случува во утробата на Македонија, главно,типови и типки околу кои не би смеело да има микрофони и камери во кое било пристојно општество.
Јас ќе им кажам: Да!
Македонија не се бореше да воспостави рамнотежа со Злото, туку се бореше да го протера Злото, да го турне од масата, да го убие, пред се во себе, да го снема чудовиштето што ја јаваше и силуваше под името ВМРО-ДПМНЕ цели единаесет години.
Резултатите од изборите се тој рефлекс на надполитичката битка против смртта. Во таа смисла тие беа повеќе од демократски тие беа акламација за животот во Македонија, да ја употребам паролата на СДСМ што јас многу не ја сакам, ама тука ми легна како кец на десетка.
Ова е важна етапа на битката за враќање на демократијата. Големо празно неартикулирано поле остава зад себе Злосторничкото здружување. Од друга страна верувам во демократските инстинкти во СДСМ односно во нивната желба и интерес да видат добро и за себе во реконституцијата на демократијата и правото во државата заедно со реконфигурацијата на политичката сфера. Ризици, се разбира има, но, водејки сметка за искуството со поразеното зло, верувам дека ќе соберат сила да ги исконтролираат во функција на општото добро.
Бранко Тричковски