Нордиски дисциплини

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ѕвездан Георгиевски за Призма:

-Тешко може кој било да го поврзе зборот „дисциплина“ со работите што се случуваат во земјата, но откога станавме Северна Македонија, работите како да се менуваат. И тоа не станува збор за една дисциплина, туку, верувале или не, за многу различни дисциплини. Добро, од сегашен аспект се гледа дека и досега сме ги негувале овие дисциплини и дека се имаме навежбано за нивна континуирана и успешна практика. Сепак, сега откога сме Норд Македонија, некако нормално е да ги официјализираме нордиските дисциплини и да ги покажеме нашите шампионски амбиции во овој прилично корисен спорт.

Но, ајде да погледнеме што сме направиле досега и што ни останува да направиме отсега за да го задржиме тешко стекнатиот примат во регионот и пошироко.

Скијачки непотизам
Тука имаме и квантитативни и квалитативни успеси, на кои можат да ни позавидат и оние римски папи од средниот век што го востановија овој термин. Непотизмот, како што може да се види од северномакедонскиот пример, ги развива работните навики на оние кои, помалку или повеќе, немале некое особено искуство со она што се нарекува работна одговорност. Се разбира, непотизмот е еден од најдобрите начини да се намали невработеноста. Еден член или близок на некој функционер ќе се вработи и истовремено околу 300 што не успеале да се квалификуваат во фамилијата се иселуваат.

Натаму, тој е мошне ефикасен начин за зголемување на просечната плата. Секој што поминал низ скијачките врати на непотизмот, заслужено добива награда во форма на натпросечна плата, па така се гради општество за сите со зголемување на просечните примања. На крајот на краиштата, непотизмот го зајакнува семејството, а како што е познато семејството е столб на општеството.

Тешко е да се одреди кој е вистинскиот шампион на непотизмот. Има сериозна конкуренција во сите политички партии во Македонија. Но, секако една од најпопуларните е мулти талентираната Мира Стојчевска, позната под спортското име Мира Дизел, за која се верува дека ќе посвои или згрижи неколку деца, само за да има материјал да го освои шампионското место во оваа дисциплина.

Скијачки тендери и субвенции
Ова е мошне интересна спортска дисциплина, која директно влијае врз популаризацијата на старата латинска изрека „Во здраво тело здрави пари“. Станува збор за сложен спорт, каде што некогаш не може најјасно да се види, на пример, како Крсто Муковски стасува на целта или Цветанка Ласкова за гради го претекнала. Се разбира, и Кочо Анѓушев седи од страна и нестрпливо ја чека својата шанса да ги прикаже несомнените квалитети. Но, во секој случај, ова е спорт за сладокусците бидејќи задира во сите пори на општеството, па така ќе видите дека некој саем за фризури успеал најдобро да се пласира како културен производ, а некоја печатница како иновативна дејност.

Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e