Семејните врски, во транзицијата молневито напредуваа и се надградија во партиско-политички. Ако порано било само вработи ми дете-да ти ја вработам снаата, во 21 век тоа стана-донеси ми гласови-да ти вработам кого сакаш!
Да ги земеме за пример семејствата, основните клетки на општеството. Нема ништо повозвишено и поважно од семејството. Семејството освен што е основа на „автоматизмот” за одржливост на општеството, ја трасира и судбината на децата. Постојат кралски семејства, бизнис семејства, уметнички семејства, адвокатски, докторски, мафијашки семејства и преку нив се наследуваат титули, професии, бизниси, пари, судови, царства, држави, како белези од раѓање. Семејните патиштата ревносно се „поплочуваат” и по нив треба само да се оди, по меко. Но што ако некој друг скршне на нечиј пат, некој што го напуштил семејниот автоматизам и решил да оди по непредвидлив „туѓ” пат и сам да создава и гради? Да почне од нула, без мама и тато, без чичко, стрина, братучеди, кумови и кумашини – и наспроти тој автоматизам? Во општества како нашите каде семејно-роднинските династии окупирале одамна дел од државните позиции во „својот домен”– тешко влегува ново и туѓо тело, освен ако не покаже безрезервна лојалност и понизност, како основен критериум за прифаќање.
Тешко е во мали земји како нашите да функционираш исклучиво со знаење, интегритет и кредибилитет, без семејни врски, а уште потешко да успееш. Иако би требало тој пат овде да е полесен одошто во земји со десетици милиони жители каде конкуренцијата е многу поголема. Но да се родиш овде, да бидеш самостоен, да немаш зад себе семејна нишка, да се реализираш себе си без да станеш нечиј слуга, да создаваш сам, да излезеш од очекуваниот автоматизам зашто те бивало – е тоа е просто невозможно! Всушност овдека сѐ е поважно од реалниот потенцијал на индивидуата! А и на секој млад човек во нашиов традицонален „мама-тато” склоп на живеење, тешко би му паднало на ум дека нешто поинакво би можело да се направи. Се’ почесто се прашувам дали на овие простори некому воопшто му паѓа на памет да прави нешто, освен “по автоматизам” да кука, да се жали, да критикува, да бара оправдувања зошто ете не се можело. По оваа логика сите процеси на некакво функционирање на општеството стануваат излишни. Зошто ни се тогаш конкурси за запослување, проверки на знаења, критериуми или одмерување на способности. Тие процедури се само фиктивно ставени, за да ја задоволиме формата на една каква-таква држава. И сите ние овде, во овој театар на автоматизмот и предвидливоста, наречен Македонија, глумиме независна, демократска држава што сака да биде просперитетна. За глума барем, театарска секако, нѐ бива!
Во претпразнично новогодишно расположение чекам на аеродром да ми се врати детето дома, за празниците. Ме придружува помалото, кое исто така наскоро ќе одлета од гнездото, како ластовичка. Се прашувам дали моето семејство ги одбрало независноста, инстинктот и поривот како водилки и дали е можеби тоа нашата семејна патека? Зошто го мачиш детето – ми рече една пријателка одамна – зошто го пушти во туѓина кога ти барем имаш можност да го задржиш? Зошто…се прашувам и јас себеси, по автоматизам, секој ден? Веројатно затоа што и мене ме научиле дека животот има смисла само ако е непредвидлива и возбудлива патека што треба сам да ја поплочиш во еден суров и непредвидлив свет, што го движат две стрелки што кружат во еден правец, по автоматизам.
Среќна Нова 2018!
Синоличка Трпкова
Извор: Дојче веле