На еден вмронски господин, инаку пратеник, за да ја удостојам неговата општествена величественост, на Фејсбук му напишав дека почесо подлавнува како пудла. Човекот се најде навреден, и за да ја ублажи душевната болка, место медицински, судски ми побара 5.000 евра. Можеби тој народен избраник споредбата со пудлата ја сфати како чин на омаловажување на неговата општествена големина. А јас, се уште сум во дилема, колкава ќе беше неговата душевна болка, пресметана во евра, доколку место со пудла, го споредев со волчјак. А недајбоже со шарпланинец. Сигурен сум дека притоа не ми ја разоткри вистинската намера. Му избега од вид фактот дека тоа домашно милениче е присутно во сите дворски салони и е во скутот на елитните дами.
Ама зборот не ми беше за пудлата, за онаа мала бела малтешка снегулка и за пратеникот скршен од болка, туку несреќно ја избрав како вовед, за да стигнам до денешното катадневно ржење на овие аздисани до забеганост песови. До завивањето на ѕверовите од пресовите. На оваа озабена гултница од посебна кучешка сорта, на која од утро до доцни мракови може да и ги броите катниците. Усните шуплини им се наполнети со убојни шаржери од кои тие скотови блујат отрови.
Да простите, мене, таа здивеност до збес ми го разорува спокојот. Ми ги дразне сетилата со препознатливиот лаеж по партиски ноти. И можеби сум зол и дрзок, но нив, само стап може да ги скроти. Незаситни се без мерка. Катапултираат лажен патриотизам, болен национализам. Манипулатори со виртуелни грижи за човекот, за стандардот, за здравството, за економијата. А ако им се дозволи, настрвени се за да ни ја проголтаат дури и татковината.
ФБ статус на Бошко Нацевски