Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа:
-Бидејќи е ова последниот текст за оваа предодморска сезона – пред сосема да си здодееме едни на други! – сè некако се надевав дека оваа серија од некои 150-200 текста во изминативе десетина месеци ќе заврши со решение на проблемот со името. Еве, лето доаѓа, тоа не биднува. Напротив, побрзо се случи, вчера, НАСА да објави дека на Марс се пронајдени траги од органски материи наводно стари три милијарди години, одошто ние проблемов со името да го расплеткаме.
Но, што е право, за постигнувањето на спектакуларното откритие, НАСА против себе ја имаше само непријателската атмосфера на страшната Црвена Планета, оддалечена од Земјата тривијални 55 милиони километри – а ние ги имаме Грците, ене онде, после бензинската на Макпетрол кај Гевгелија! Друга е тоа лига на проблеми, нема споредба, не може Марс кусур да ѝ фати на Атина, бидејќи во Атина живеат Грци, а за на Марс сè уште не е докажано, па затоа и тие не му го спорат името. Да поживееше уште некое лето она упорно човече од Александар Велики – инаку, висок нецели метар и шеесет сантиметри, што е доволно да се објасни фрустрацијата со „Велики“ – наместо што се ничкоса отруен во Вавилон пред 2.300 години, можеби и Марс ќе го освоеше и ќе го запалеше, како што до темел, за инает, го пеплоса Персеполис (откако претходно темелно и го пљачкоса), урбаниот, архитектонскиот и културниот бисер на персиската цивилизација. Куртули Марс, за едно историско влакно!
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.