Ова е време за вистински патриотизам со солидарност и хуманизам. Живееме во страв и исчекување да се појави херојот во големата несреќа што нѐ снајде ни криви ни должни. Сите катастрофи имаат и свои јунаци. Ќе има ли и Македонија херои кои ќе нѐ направат посилни и ќе ни покажат некои други вредности одамна заборавени, а тоа пред сѐ е човештина. На мака се познаваат јунаците, ама и кукавиците.
На д-р Филипче најмногу му се верува
Секојдневните обраќања на д-р Филипче, кои будно се следат од целата јавност, сознанијата кои ги изнесува од теренот без нивно криење или премолчување, имаат директно влијание на одлуките на владата. Не се потребни паралелни кризни штабови и партиски ангажирани стручни тимови како што предлага ВМРО-ДПМНЕ кои ќе издаваат соопштенија до јавноста што можат да внесат само забуни и конфузија. Христијан Мицкоски предлага економски и здравствени мерки тропајќи на отворена врата бидејќи за добар дел од нив надлежните институции и владата во која има и претставници на ВМРО-ДПМНЕ веќе имаат сознанија и податоци и се разгледуваат начините на кои може да им се помогне на компаниите и вработените погодени од последиците предизвикани на глобално и домашно ниво. Мицкоски знае дека тие мерки не се носат на ура и волунтаристички, туку со неопходната законска процедура и веродостојни податоци.
Ова е време кога партиите треба да престанат да се мешаат во стручните работи и да ги почитуваат своите одлуки за прекин на предизборните кампањи, особено што веќе се определија за одлагање на изборите. Хајката против д-р Филипче е дел од таа валкана предизборна кампања. Многузагрижените за освојување на власта не поднесуваат дури и во вакви кризни ситуации некој со голема доверба да е присутен во јавноста. Сакаат да го исклучат гласот на разумот.
На големо разочарување, сѐ уште не слушнавме некој да ја праша државата, клиниките, лекарите и медицинските работници, овие невидливи јунаци, што им треба и да понуди финансиска помош, или донација. Коронавирусот ни откри дека хуманоста и солидарноста во Македонија исчезнале. Што се случи со овие доблести кои илјадници пати сме ги докажале во градот на светската солидарност Скопје. Главниот град на Македонија прв се огласува на сите катастрофи во светот. Нуди веднаш помош. По тоа е познат. Деновиве за катастрофата во својата земја и на своите сограѓани, Скопје молчи. На големо разочарување и земјите членки на ЕУ повторно го покажаа својот егиоизам. Германија, Франција и Чешка го забранија извозот на заштитна и медицинска опрема. Ѝ ја треснаа вратата на Италија пред нос, а да не зборуваме што може да очекува Балканот.
Целата колумна на Ерол Ризаов на ДВ.