Може ли ВМРО да се командува од затвор?

ВМРО-ДПМНЕ доцни со реформите во своите редови – на пример, од новиот партиски статут сè уште нема ни трага, ни глас, што го засилува корозивното дејство на незадоволниците во самата партија кои бараа и поинакви внатрепартиски избори и поинаков третман на слободата на мислата и делувањето во самата партија. Долга е листата на приоритети на Мицкоски, но со одлагање на внатрепартиските реформи непотребно ризикува натамошни делби во партијата, иако би можел, токму и заради обидот да се дистанцира од Фамилијата, да „множи“ и помирува. Конечно, ако се обвинува СДСМ – кои само пред девет месеци влегоа во комплетно демолирана држава во сите нејзини суштински димензии – за неспособност во владеењето, нема уверливо оправдување зошто се доцни со далеку поедноставната агенда за реформите во опозициската партија. Освен ако тие никогаш и не биле искрено ветувани?!

Сепак, враќањето на опозицијата во Собранието ќе ѝ помогне на правната држава, политички порелаксирано и правно поургентно, да се позанимава со бројниот корпус случаи што ќе се процесираат во новата зграда на Кривичниот суд. Дневната политичка и тековната судско-криминална хроника во телевизиските вести ќе може да се следи како раздвоени содржини, што за ВМРО-ДПМНЕ ќе го означи почетокот од еманципирањето на партијата од криминалите на Фамилијата. Долг и неизвесен ќе биде тој пат, да не се залажуваме, но од некаде мора да се тргне…

Всушност, веќе во наредните неколку месеци ќе видиме дали Мицкоски може политички да го преживее одењето на Груевски и Мијалков в затвор? Јас мислам да.

Ќе може ли ВМРО-ДПМНЕ да се командува од затвор? Јас мислам не.

Сашо Ордановски

Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e