Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
-Остануваат уште пет дена од рокот од „десетина дена“ што Заев го најави како период што ќе се искористи за изнаоѓање на решение за спроведување на уставните измени во Собранието. Шансите за тоа да се случи се, речиси, непостоечки.
Добро. Што и да се случи на и со вонредните избори, резултатите ќе бидат оспорувани. Дури, извесно е дека опозицијата нема ни да се согласи да учествува на тие избори, со оглед на тоа дека условите што ги поставуваат личат на тоа дека ја имаат таа примарна цел: по референдумот, активен бојкот и на изборите.
Речникот, тонот, растечката нервоза, националистичките тези – со еден збор, аутистичкиот тунел во кој е веќе влезена опозицијата – упатува на сценарио во кое ќе се калкулира со практикување на некаква доза на насилства. Целта на тие насилства ќе биде парализа на можноста да се владее со земјата – вклучувајќи ја и примарната цел: блокирање на правната држава! – и постепена деградација на која било можност за консолидирање на политичкиот, економскиот, социјалниот и сите други битни системи на општеството. Заев не смее никако да успее, дури и ако самиот СДСМ си пукне во двете нозе!
Исходот би требало да биде долготрајна политичка криза која ќе ги поништи ефектите од падот на режимот на Груевски и ќе отвори процес за нови преговори во кои, овој пат, на масата на „олеснувачи“, би требало да седне и Москва (од каде Вучиќ, да повториме, некни ги доби сите гаранции од Путин што ги побарал). Па, потоа – што им даде Господ!
Идеалниот резултат би бил од Христијан Мицкоски да се создаде вториот, македонски, српско-руски Милорад Додик на Балканот. Којзнае дали е човекот – Христијан, не Милорад – свесен за тоа?! Иако, во оваа рана фаза, не му оди лошо.
Да ве потсетам, во општи црти, тоа беше и целта на пропаднатиот обид за државен удар минатиот април, што требаше да резултира со прогласување на воена состојба од страна на Иванов. Листите за апсења таа пролетна, априлска вечер беа подготвени, откако ќе се ликвидираше Заев и уште неколкумина во насилствата во Собранието. И тогаш целта беше земјата да се доведе на работ од опстанок за да се сопре падот на Груевски, за да се спасува мафијата.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.