Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ерол Ризаов за Независен:
-Во оваа напатена земја веќе мора да стане јасно дека влезот во политиката не значи слободно ограбување на граѓаните, земање и давање мито, богатење и саде привилегии. Туку сосема обратно, чесноста, скромноста, моралните принципи, откажувањето од деловни зделки за пари од државната каса и добивки од присвојување на државен имот, бизнис со јавните компании и сè она што мириса на најмала злоупотреба, треба да биде предмет на јавна осуда, на брза истрага и разрешница кај надлежните институции и судски органи. Но и основна мерка за оценката на јавноста за подобноста да се биде политичар и да се биде избран на функција во буџетска земја каде што безмалку сите цицаат од вимето на државата.
Ако тргнете по трагата на парите и го следите движењето на сопственоста на државниот имот и на природните богатства кои драматично брзо и во многу сомнителни околности завршуваат во приватни џебови ќе откриете колкаво злосторство се прави врз овој беден народ, кој покорно го плаќаше и трпеше овој невиден грабеж кој се одвива речиси непречено со децении. Секогаш, кога некој брзо се богати со пари од буџетот, илјадници луѓе уште побрзо осиромашуваат. Така, во Македонија најбрутално и бездушно со децении е уништувана средната класа, која требаше да биде носител на развојот и на економијата, на политиката, на демократијата, на културата и на владеење на правото. Уништувањето и деградацијата до степен на кадровски и интелектуален геноцид на тој голем човечки потенцијал е причината за жалната слика што ја гледаме со години од намножени мафиози и криминалци од бездарни неранимајковци кои кога ќе се докопаат до власт му ја пијат крвта како паразити на својот народ.
Колумната на Ерол Ризаов во целост прочитајте ја ТУКА.