Мојот братучед Пабло Ескобар

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Кокаланов за Призма:

(Писмо од Будимпешта)

Додека стакларот Лајош го врамува азилот во убава барокна позлатена рамка за да виси во мојата хотелска соба, а двајца Украинци веќе го сликаат документот во акварел техника – портрет седум на дванаесет метри за да биде еден ден закачен во фоајето во Белата палата – јас размислувам за македонската кауза.

Не сум по алкохолот, но домаќиниве, кои навистина се прељубезни, ме уверија дека македонска кауза најдобро оди со суво бело вино од сортата фурминт од регионот на Балатон. И секако ме натераа да сркам од овој нивни ширкепаприкаш, или преведено на македонска кауза – пилешки паприкаш, кој значително го подобрува имунитетот против закани од ликвидација, странски служби и домашни предавници на пропатување низ пријателска Унгарија.

Драги Македонци, еве веќе неколку дена како што работам интензивно на македонската кауза и можам да се пофалам дека имам и некои конкретни резултати. Прво, мислам дека направив некои грешки поврзани со каузата, кои во иднина ќе мора да ги исправам. Или, поточно, да ги исправиме ако ги преживеете тешките затворски години, кои, иако не сум посведочил лично, велат дека поминуваат мачно и бавно. (А овде во Унгарија дознав и дека условите по затворите не се баш најдобри, но за тоа потоа.)

Да се вратам сега на грешките што не смееме да си ги дозволиме во иднина.

Тука, пред сè, мислам на висината на провизиите. Се покажа дека пет отсто, како провизија што им ја баравме на сите, не се доволно пари за да може да покријат повеќе вакви патувања, особено во случај на поголеми и подолготрајни елементарни непогоди, како актуелнава. Имено, тие успеаја да покријат трошоци за пат и сместување само за едно лице, односно за мојата маленкост.

Мене, од денешна дистанца погледнато, ми е навистина многу жал што не баравме повеќе. Направив една пресметка, вака груба, на салфетка овде во ресторанот (мобилниот од безбедносни причини го оставив кај Виктор во канцеларија), и, според таа пресметка, излегува дека само со мала корекција, да речеме ако баравме седум отсто провизија, на ова патување ќе можев да го поведам и мојот братучед, а со 8 отсто и Миле, Гордана и Мартин.

Е сега, за повеќе души веќе мора да се ангажира комбе или минибус, тоа веќе ќе бараше двоцифрена провизија, што, според моите кост-бенефит анализи, станува неисплатливо, не само од економски аспект, туку и од политички. Зашто како ќе ги добиеме следните избори ако уште во сабота не поведеме барем со 3-1 во затворите, тренд што потоа би се задржал и во недела, со Господ напред.

Оние „жутите“ и другите наши клиенти немаше ни да ги осетат тие два-три проценти плус провизија, а нам сега толку многу ќе ни се најдеа тие пари.

Колумната на Сашо Кокаланов во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e