Договорот ги гарантира основите на идентитетскиот сегмент од целиот пакет односно чистото именување на јазикот како Macedonian што е најјасна потврда за етничката посебност на Македонците, вели новинарот Владимир Мирчески од Алсат М телевизија .
Тој ги следи обидите за решение на спорот повеќе од 10 години.
„Дали е идеален договор? – Секако дека не е, зашто идеално во меѓународната политика не постои, но е договор што, според кажаното, од една страна ги гарантира основите на т.н. идентитетски сегмент од целиот пакет односно чистото именување на јазикот како Macedonian што е најјасна потврда за етничката посебност на Македоците, нешто што со години беше оспорувано (во изминатите години од процесот дел од најтешките преговори беа токму за оваа точка која), а од друга страна е договор што ги отвора вратите за брз прием во НАТО и јасна ЕУ-перспектива со чие исполнување фактички се гарантира иднината на земјата. Другата страна на паричката е дека Грција доби свои отстапки пред се во географската одредница во сложеното име и во тоа што тоа име ќе биде за севкупна употреба. Не е едноставно, многумина тешко ќе го разберат и прифатат договореното, но истовремено треба да се знае дека во преговори и даваш и добиваш и затоа се викаат преговори. Некои ќе тврдат дека повеќе дадовме, отколку што добивме, но факт е дека Грција е членка на ексклузивните клубови кои се стратешка цел на Македонија. Исто така, не треба да се заборави дека повеќе од две децении Македонија во меѓународните организации беше Поранешна Југословенска Република Македонија, вели Мирчески
Го поставува прашањето дали ова не направи помалку вредни или помалку Македонци, на што и самиот одговара со не.
„Бев присутен на Самитот на НАТО во Букурешт 2008-та и по неговиот исход, каде впрочем се обидувавме да бидеме примени како Република Македонија – Скопје или ПЈР Македонија, велев дека и покрај горкиот вкус во устата не смееме да ги прекинеме преговорите. Нешто, што вчера и беше потврдено. „За секоја пречка постои решение. Упорноста е клучот. Најголемата грешка е да се откажеш“ – Двајт Ајзенхауер“, вели Мирчески.