Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа.
Бидејќи денеска – односно, уште од вчера – многумина фатија да го анализираат најновиот развој во преговорите со името, дури и пред да чујат што е ново во тие преговори, јас би сакал за нешто друго… Што, исто така, не е друго.
Имено, повторната минатонеделна дружба на Христијан Мицкоски со еден од водечките конзеравтивни националисти во Европа, Виктор Орбан, овој пат на гости кај словенечкиот национал-козервативец Јанез Јанша, ја зацврстува тезата дека ВМРО-ДПМНЕ и со новото раководство гази сигурно по идеолошките стапки на Никола Груевски, во насока која веќе се докажа како политички губитничка за домашните македонски националисти: мајоритарниот модел на политичка доминација во општеството, каде популизмот е само „чадорот“ за прикривање на националната и религиската исклучивост (иако тие милуваат да тврдат дека се работи за форма на „толеранција“), се во основата на политичките вредности на идеологијата на Орбан. Многу слично на фашизмот.
Според таквиот модел, не само во Македонија, мнозинската заедница во општеството е онаа која се доживува себеси како суверен домаќин и претставник на првокласните граѓани во државата, а сите останати се гости од кои се очекува помирливост, пристојност и видлив респект во прифаќањето на мнозинската (етнички македонска) култура и придружната православна религија. Отворените или прикриените (завиткани во „демократски“ флоскули) ароганции кон малцинствата (не само етнички, туку, потоа, и секакви други, од јазични и културни, до сексуални и гастрономски!) се прерогатив на мнозинството кое „има историско право“ да го „заштити“ својот опстанок пред „загрозата од инаквите“. Како што видовме, тоа „историско право“ може да се „влече“ и „докажува“ (квази-историски, квази-културно и квази-политички) и од времињата на Александар Македонски, ако е потребно.
Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа прочитајте ја ТУКА.