Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
-Во набиената агенда на историски настани во Македонија, на 22 август се случи уште еден историски настан. Почна судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, во процес во кој се обвинети 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу нив пет пратеници, дестина високи службеници во МВР и познати јавни личности. Поисториско и повисокопрофилно судење во демократската историја на Македонија не сме имале.
И ева ја шансата прво да дознаеме што навистина се случи на 27 април 2017, а потоа и да видиме колку македонското правосудство е спремно праведно да пресуди. Еве ја исторската шанса и за судиите и за обвинителите и за адвокатите. Секој со својата тежина на задачата, знаење и професионална одговорност. Еве прекрасна шанса за правосудна реформа во практика. Оти, ако не се расчисти што се случи на 27 април, засекогаш ќе останеме заробени во поетизираниот израз „крвав четврток“. Секој со својата приказна, во која сите видовме дека заврши со раскрвавени глави. А којзнае како ќе завршеше ако нападот успееше. Тогаш сигурно немаше ни да има судење.
Немам ништо против поезија. Ама имам против поетизирање. Кое води до самозаборав. Што значи фразата „крвав четврток во Собранието“? Или, како што една колешка забележа: „Дали тоа значи дека тој четврток сите пратенички имале менструација?“
Тоа ти е исто како кога на ТВ анкета ќе ги прашате луѓето дали знаат што се случило на 11 октомври 1941 година. А тие ќе ти одговорат „Пукна првата пушка“. Сама си седела и си пукнала. Сите го паметат поетизираниот израз. А суштината се избришала. Дека на 11 октомври 1941 година овој народ се кренал против фашистите и застанал на страната на прогресивниот свет.
Утре, кога ќе ги прашате луѓето што се случило на 27 април 2017 година, ќе одговорат дека имало крвав четврток во Собранието. А тој настан треба да го паметиме како организиран напад на Собранието. И обид за државен удар. Ако обвинителството тоа го докаже на суд.
Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.