Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа.
-Се чини дека предлогот „Република Илинденска Македонија“ доживеа половичен дебакл: со примена на „мало“ вето, Грците (но и ВМРО-ДПМНЕ, како и овдешните пробрани руски екстензии, „турската“ фракција на БЕСА на Касами и националистичката Алијанса на Албанците на Села – едно занимливо, неочекувано составено друштво) го отфрлија предложеното ново име, но „исплива“ дека, кога ќе дојде, решение ќе треба да биде ерга омнес, со признаени македонска нација и јазик, плус меѓународни кодови со мк и мкд.
Од ова, се разбира, никој не е задоволен, а во Македонија на Заев му „рипнаа на врат“ сите од оние делови во јавноста кои, секој од свои причини, не се задоволни од работењето на неговата Влада. Во „вадењето душа со памукче“ како да предничи една колекција од разно-разни бивши функционери од СДСМ, долгогодишни експерти за мрчење.
Сепак, што е значајно за Заев, СДСМ и ДУИ ја продолжија и, се чини, ја зацврстија меѓусебната политичка решеност да дојдат до прифатливо заедничко решение и за двете страни. Прв пат по лидерска средба видовме заедничко соопштение кое го читаше Заев, рамо до рамо застанат со Али Ахмети.
Резултатот е: пата-пата.
Би се рекло, ништо ново, со една значајна разлика, а тоа е дека харизмата на „таличниот Заев“ е тешко ранета, бидејќи е ова за него прв поголем политички удар откако фуриозно реши да застане на чело на процесот за внесување на Македонија во ЕУ и НАТО, што налути важни центри во земјата и во странство. Памтите: не беше тешко навреме да се предвиди дека тие центри „ќе го рушат“ нашиот прием во НАТО преку своите влијанија и инсталации во Грција, бидејќи во Македонија стојат прилично слабо. Така, изгледа, и се случи. Прогресивните сили и таму и овде се во жесток судир со силите на регресот, а силите на регресот од завчера слават, извадија значаен бод во гости.
Целата колумна на Орданоски за ЦивилМедиа прочитајте ја ТУКА.