Професионално да се следи македонскиот евро-интегративен пат во последните две-три децении е ѓаволски неблагодарна работа. Разочарувањата и регресиите се сто пати почести од ретките прилики за радост и прослава на некој мал исчекор во прогресивна насока. Па, и кога го има, треба да сте експерт за дипломатски алхемиски формули за производство на унца сребро од еден тон ламарина, бидејќи и само ако ве фати куса дремка може да ви се случи позитивната вест незабележливо да ве одмине, пред да мора повторно да се заглибите во буништето на европското политичко лицемерие накитено со барок и прекриено со слоеви пудра, во недостаток на обичен сапун за одржување на елементарната морално-политичка хигиена.
Во Брисел, во Дирекцијата за проширување на ЕУ, уште пред дваесетина години мораше да се отвори Центар за зен-будизам со специјална програма за духовни медитации со кои кандидатите за влез во Унијата ќе се третираа за намалување на стресовите и фрустрациите. Или тоа – или да се востановеше специјален европски фонд за користење на услугите на бриселскиот ред-лајт-дистрикт (превод на македонски: „зад зградата на МТВ“) со кој би се рефундирале трошоците за третманот на евро-интегративната депресија.
Кој не станал циник во меѓувреме, тој треба да го провери материјалот од кој му се направени нервите: или се од челик, или од некаква вештачка синтетика што, во прекумерна наслага, би го уништила и најотпорниот животински свет на темната длабочина на океаните, каде што е потоната европската интегративна стратегија.
Има и алтернатива на тоа: да развиете огорченост и антиевропски стојалишта со кои ќе распалите во јавноста, на социјалните мрежи, по домашните слави, во кафеана и на медиумите (што е често – исто) и по прес-конференции, и со гушт да ѝ ги спомнете сите поблиски и подалечни роднини на „курвата Европа“, таа Мајка на сите дволичности, неправди, подлости и порази. Така е и полесно, речиси без ризик: 99 од 100 случаи ќе бидете во право, а и кога ќе се случи нешто добро, никој нема да забележи дека сте во криво. Кратко ќе трае, самата Европа набрзо ќе се демантира и – пак може да се продолжи со натпреварот во плукање. Чиста работа.
Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.