Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:
-Сѐ можеше да биде подобро. Буквално сѐ. Првата грешка од почетокот на отпорот против диктаторчето и неговата Фамилија беше да се седне со нив на преговарачката маса. Тоа го бараше и меѓународната заедница. Еднаш, запрашан од извесни дипломати, зошто толку го критикувам Јоханес Хан на почетокот на тој тежок и матен процес, мојот долг одговор содржеше и прашање: Дали Груевски ќе беше разрешен, ако не и зад решетки или во домашен притвор, доколку прислушуваните разговори излезеа во некоја од членките на ЕУ? Одговорот беше да. Потоа следеа безброј такви ситуации. Ние на улица, а Груевски во комотни преговарачки фотелји. Чекор по чекор, тој ја изгуби наклоноста и заштитата од странските дипломати, а неговата демисија стана неминовност.
СЈО заврши маестрална работа до сега и сѐ уште лавовски се бори криминалците да се соочат со полната сила на правдата. Но, колку тоа е доволно за навистина да дојдеме до состојба на слобода, правда и еднаквост, колку тоа значи вистинска трансформација во демократско општество – се гледа на секој чекор, го чувствува секој човек што не е загаден со корупција и манипулации со епски размери.
Во овој критичен период, кога на тацна ни се сервираат членството во НАТО и интеграција во ЕУ, благодарение на храбрите и мудри одлуки на Заев и Ципрас, одиме по тенка жица меѓу силите на минатото што го живееме СЕГА и иднината што можеме да ја доживееме, повторно – СЕГА.
Дејствувањето на Мицкоски и кликата што го постави и му газдува веќе одамна не е обично политикантско калкулирање, туку е класичен заговор против интересите на државата. Хистеричниот национализам, фашизмот и омразата што ги истураат со години наназад се само една димензија. Со неа некако се справува општеството, секако, со многу жртви. А, може да се справат и институциите кога ќе решат да почнат да го заработуваат лебот од јавните пари. Но, најопасно од сѐ е шурувањето со тајните служби што не му сакаат ништо добро на Балканот. Тоа е едно очигледно систематско, стратешко подривање на темелите на демократијата и напредокот на земјата.
Без оглед на тоа дали некој ќе гласа ЗА или ПРОТИВ или ќе реши да апстинира од гласањето, дали во знак на бојкот или затоа што не може или не сака да ја сфати важноста на секој поединец во општеството, институциите се тие што имаат обврска (!) да ја заштитат законитоста. ВМРО-ДПМНЕ и Бојкотирам се служат со противзаконски постапки, регулирани (казниви) според Кривичниот законик. Справувањето со заговори од овој вид не е наша обврска, туку на институциите. Нема да ги набројувам, на наш грб се постојано – и заговорниците и мрзеливите (благо кажано) институции.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.