Две политички сили ќе се судрат деновиве во Македонија.
Едната, која во моментов ја нуди Заев со својот тим, прави се за да ја врати надежта на граѓаните во европската перспектива на земјата. Таа ја води политиката со верба во своите потези и со доверба во своите политички партнери дома и во странство.
Тие објавија дека со секој свој чин сакаат да верувааат во тоа дека Македонија може да ја гради сама својата иднина наместо постојано да се жали на својата „проклета судбина„.
Сето тоа е еден обид од нивна страна ,менталитетот на „Калимеро„ кај македонскиот граѓанин, и политичар, кој постојано се жали дека „нема правда„ да го замени со менталитет на човек кој знае дека со тоа постојано кукумјавчење не се решаваат работите во реалниот живот. И дека наместо изговори се потребни храбри решенија и одговори. Тоа е обид за скептицизмот на граѓаните да се замени со оптимизам, недовербата со доверба, стравот со надеж а политичката неизвесност со поголема сигурност.
И тоа вистина е една нова политика во Македонија.
Другата политичка опција што сега ја предводат Мицковски, Иванов и движењето Македонија блокира , во се што прави првата гледа само „црнила„.Таа во се гледа светски заговор против Македонија и Македонците. Го шири и натаму, како во 19. век, стравот од национално обезличување, од губењето на државата, стравот од соседите, од „блудницата Вавилонска„ од Албанците од вакцините, од Сорос и од „тајните здруженија и договори„ кои се способни само тие да ги разоткријат.
И затоа не само што не сакаат да бидат дел од ова што се случува денес во Македонија, туку работат со сите сили тоа да не успее и да се спречи. Тие се последните Македонци и единствените што ја сакаат Македонија. Сите други кои не им веруваат се национални предавници „ујдисни„ со Албанците и со Западот против„ вистинските интереси„ на Македонија и на Македонците. Тие не нудат решение. Само знаат дека ова не е добро. И се убедени дека само со промена на ненародната „власт„ од Македонија ќе исчезнеле „црнилата„. А тоа е една веќе видена политика која се
покажа како неуспешна.
Ѓорѓи Спасов