Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа:
– По официјалната најава на опозицијата дека на пролет ќе бара и вонредни парламентарни избори, заедно со претседателските, Македонија би можела да се именува како вонредно-изборен шампион во Европа! За 27 години, 21 избори на различни нивоа, скоро половината вонредни.
Практично, во оваа држава нема таков кој посакал, а порано или подоцна не станал пратеник, градоначалник, општински советник, па дури и министер. После Италија (која е убедлив светски шампион!), веројатно држиме силно второ место по број на влади во изминатите 27 години (на пример, меѓу 2002 и 2006, СДСМ промени дури тројца премиери!), држиме рекорд за министер со најкус стаж (оној потрчкото на Грујо во МВР пред некоја година, со психијатриско лекарско уверение, кој остана на функцијата помалку од 24 часа!), а сигурен сум дека и Амди Бајрам држи некаков неславен европски рекорд кога е аморалната трговија со пратенички мандати во прашање.
Сепак, оваа потреба од постојани предвремени проверки на политичката поддршка на граѓанството кон партиските формации во државата базично произлегува од еден невесел феномен во Македонија: ние сме политички длабоко и релативно рамномерно поделено општество, особено во најголемата етничка заедница, помеѓу идејата моделот на државата да се гради како етно-национална творба, со посебни заштити и права за малцинствата; или како мултиетничка демократија во која сите, без разлика на своите општествени етно-религиски идентитети, ќе бидат третирани како рамноправни граѓани во заедничката држава. Тоа е лулашката на која се нишаме сите овие години.
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.