Кордалов: Жално и тажно – поделеност на скопјани и внатрешност, на центарци и чаирчани, раздор и омраза по етничка и верска линија…

Полека изминува продолжениот викенд кој посакувам побрзо да го заборавиме и оставиме зад нас. Но, не само заради големите бројки на директно погодени од коронавирусот, враќањето на политичко-етничките прашања високо на агендата или поради чуството на дискриминација, привилегираност и (оне)правденост.

Искрено се загрижив што на голема врата повторно можевме да слушнеме теми што мислев дека треба да се длабоко „закопани“ во минатото: поделеност на скопјани и внатрешност, на центарци и чаирчани, раздор и омраза по етничка и верска линија…

Жално и тажно. Вирусот не познава етникум, религија, па ниту партиска припадност. Коронавирусот не смее да носи поделби, туку сплотеност со цел да го победиме. А, што правиме – избегнуваме продавници и дуќани зашто таму работеле луѓе од етничка група различна од нашата. Стварно ли?

Чувствувам лична потреба да посочам дека ваквата комуникација и ваквите поделби се еднакво штетни како короната и со ништо не се разликуваат со неодамнешните обиди за поделби на „патриоти и предавници“ или „фиромјани и северџани“ итн.

Сабајле во 5 часот патарините ќе почнат да работат со полн ек. Од 5 часот наутро „ќе се отворат“ улиците и на нив ќе излезат сите – и оние што дословно го почитувавме карантинот или полицискиот час и оние што не бевме толку доследни.

Но, дали ќе продолжиме да бидеме луѓе, е тоа зависи од секој од нас. Да не дозволиме личните и партиските интереси или пориви да ни бидат пред хуманоста и човечноста. Верувам дека го можеме тоа!

П.С. Останувам доследен и не ги коментирам одлуките на здравствените авторитети и Комисијата за заразни болести бидејќи не сум компетентен на таа тема. Тоа секако не значи дека немам лично мислење и став, напротив и тоа како имам! Но, не сметам дека сум стручен да зборувам на таа темa. И токму ваквиот мој пристап го сметам како дополнителен придонес во борбата со коронавирусот. Повторувам: здравствен предизвик бара здравствено решение! Не политика, а уште помалку политикантство кое можевме викендов да го видиме речиси од сите политички чинители, без исклучок.
ФБ статус на Бојан Кордалов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e