Ние сите во културата сега би можеле да се правиме мутави дека „конкурсот“ на МРТВ и неговите „одлуки“ – ништо поразлични од оние кои беа носени изминативе години од страна на диригираните „патриоти“ членови на злосторничките комисии за поткуп во музичкото (и сите други) творештво/а во државава – е само уште еден мал „инцидент“, некаков рецидив од неодамнешното минато. И да велиме дека за тој тип луѓе времето застанало со бандитот експремиер и пуфлана како министерка за некултура. Истовремено (не) можеме да се правиме неинформирани дека слични (кадровски) „инциденти“ се случуваат и денес, и веројатно ќе се случуваат и во иднина, дека некои нешта, особено силните (групашко-пријателски, еснафски, партиски …) лобија и влијанија се често поставени и над здравиот разум во културата, дури можеме да тврдиме и дека не сме слушнале ништо ни за составот на актуелните комисии во Министерството за култура, чии што одлуки (признавам: со страв!) допрва ќе ги дознаваме, а се однесуваат на судбината на многу – намерно не велам сите – македонски институции и поединци во културата. (Велам дека намерно не велам сите зашто многу од нив – институции и поединци – ама баш воопшто не заслужиле да добијат ниту денар од државната каса. Зошто? Па, прво, заради нивните злосторнички гревови од изминативе години, второ, заради тоа што нивната функција во македонската култура е блиску до измислена, несоодветна, нејасна, што ќе рече штетна и само ангажира средства а не дава резултат, и трето, што на македонската култура навистина и’ треба она цунами за малку да го прочисти воздухот од разноразни бараби закачени на државната каса). И, се разбира, можеме да се правиме на триипол и да коментираме само по кафеанските маси дека ни приказната со повеќето актуелни (некои в.д. а некои богами и од минатиот режим) директори на националните институции повторно, по којзнае кој пат, драстично го отвораат прашањето на стручноста и компетентноста во македонската култура.
Се разбира, актуелната пљачка – зашто чинот во МРТВ никако не може поинаку да се дефинира – на државни пари за потребите на разни сониевци и остала клиентела како нивно потенцијално последно (дали?) посегање во чекмеџето е скандал без преседан. А особено фактот дека во т.н. комисија, не само последната туку неколку по ред, учествувале (и) нестручни односно некомпетентни лица, поточно послушници спремни да реагираат на партиски или друг диктат само за да си го заработат хонорарот, а можеби и нешто повеќе, кога ќе му дојде времето, нели. (Иако овој скандал, според македонски стандарди, е помал, речиси незабележителен!). Ама овој „грабни и бегај“ резил не е од вчера. Односно не само за и околу таа/ тие комисија/и туку и за сите до една во времето на груевистичко-канчевистичкото киднапирање на македонската култура, ние (повторно) како да не сакаме да разбереме дека и во културата постојат стручност и компетентност, дека постои поделба на знаењата и надлежностите, дека културата не е алајбегова слама во која се валка како прасе кој како ќе посака. Или, ако сакате, ќе отидете ли на операција за жолчка, на пример, кај офталмолог? Или, ќе седнете ли во авион каде на пилотското седиште управува човек со автомобилска „Б“ категорија и абер нема од возење авион? Е па зошто културата би била поинаква односно зошто ликовен уметник би бил компетентен да одлучува за стручноста и издржаноста на одредена изложба, или зошто тромбонист успешно би ја оценил вредноста на едно композиторско дело, или зошто носач на кабли би бил компетентен за оцена на едно филмско остварување? Или, поконкретно: зошто еден груевистички „философ“ би бил компетентен за споменичка естетика (а пак женатаму, денес, за главна шефица во јавниот сервис), еден канчевистички „архитект“ би бил меродавен за скулптура, еден бивш политкомесар за уметнички комесар во Венеција, некоја полуписмена глуп(м)ица би била филмски продуцент а сестричката и’ дури и режисјорка, итн.? Кои, и какви се тие наши (квази)стандарди што допуштаат такви идиотизми?
И тука дефинитивно нема оправдувања, уште помалку на навредлив однос или потценување кон некои професии. Напротив: секој треба да ја врши работата за која што се образувал! И како што историчарот на уметност не може да биде компетентен сликар (или скулптор), или театрологот компетентен актер – секоја често кон исклучоците – така ни сликарот не е образуван / компетентен да менаџира музеј, уште помалку да подготвува, реализира или оценува сложени проекти од областа на визуелните уметности или актерот да оценува потенцијали на еден драмски текст, проект и слично. Како што впрочем ни харфистот не е образован, уште помалку компетентен да оценува една опера, или симфонија! Зашто тука не станува збор за вкусови или допаѓања, туку за – стручна (пр)оценка на едно дело. Тоа, формално, му доаѓа исто како во таквите комисии да сте ставиле и стоматолог или фризер, а за директор во институцијата сте го поставиле вратарот. Се разбира, и во овие професии има сериозни познавачи, луѓе со врвно искуство и нивниот ангажман често е неопходен. Дури – посакуван, зашто искуството е рамно на неколку факултети. Но тоа се исклучоци, барем во европски рамки, а никако правило! И впрочем, колку такви големи, исклучителни и компетентни професионалци имаме во македонската култура?
Единствена професија за која што не се потребни соодветни квалификации и стручни компетенции – не само кај нас – е професијата на политиката, која што навистина толерира се’. Нема факултет за премиери или претседатели на држави, за министри и слични функции. Впрочем, ни успешниот политачар нема за економски советник да земе уметник, како што ни за уметнички советник нема да земе економист, нели?!
Иако праксата (сепак) востановува стандарди и граѓанството учи да препознава / распознава полтрони, криминалци, патолошки лажговци и остали пациенти кои сакаат на мала врата да влезат во политиката. И во власта. Но културата не смее да биде дел од опасната леснотија на тивкото укинување на стручноста и компетентноста, особено во време кога настојчиво се повикуваме на името, идентитетот, значењето на културата итн.