Комедија на апсурдот

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Отчетот за едногодишното владеење на градоначалникот на Ново Село Боро Стојчев е одложен. Од оправдани причини. Градоначалникот треба да одлежи шест месеци затвор поради шверц на цигари преку граница. Кога ќе се врати на функција околу Нова година, ќе може да приреди поинтересен „ивент“ од „роустингот“ на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Неговата приказна е навистина смешна, од жанрот акциона комедија на апсурдот. Доволно е само да направи реконструкција на настанот кога сосе жена и дете шверцувал цигари за Бугарија, а полицијата го брка со пукање.

Посмешен отчет – тешко дека некој градоначалник може да има. Ќе го отепа во поим Петрета Шилегов, кој реши сопствениот отчет да го организира како комедија на подбивот, тоа што Американците го викаат „роустинг“, кога гостите се подбиваат на сметка на домаќинот.

Убаво што на градоначалникот на Скопје му текнало да се смее на своја сметка. И баш фино што на „роустингот“ ја викнал и градоначалничката на Битола Наташа Петровска. За таа иронично да му се заблагодари оти Градот Скопје ѝ подарил на Битола крш автобуси што ќе загадуваат. Што сака да каже? Дека автобусите не се стари? Дека нема да го загадуваат градот? Што е тука смешно? Што е тука подбивно?

Што е смешно ако Градот асфалтира улица два месеца и после повторно ја прекопува оти ги утнале шахтите? Смешно ли е дека воздухот е загаден преку цела година, ама загадувањето најмногу се гледа во зима? Смешно ли е дека глутница кучиња скитници напаѓаат во строгиот центар на градот? Смешно ли е дека контејнерите се прелевеат од ѓубре? Смешно ли е дека тротоарите се зафатени со возила и тераси божем за пушење, претворени во дупли кафеани на јавен простор? Смешно ли е дека на Водно има шут? Смешно ли е што не може да се спроведе ниту една одлука на Градот?

Сфаќам дека сакале да направат необичен настан. Ама можеш да си кажуваш вицови на своја сметка ако нешто си постигнал. Ако си бил ефикасен. Или, ако навистина имаш добро оправдание за да не го решиш проблемот. А не во цела година мандат да се бавиш само со шминка и со симболични гестови како тргање на споменикот на Ќосето и враќање на буквите на Тито, а за нерешавање на животните проблеми да бараш оправдание. И да викаш дека оваа година граѓаните се среќни оти нема да се будат со страв дека преку ноќ е поставен нов споменик. Не бре Петре. Граѓаните се будат среде ноќ задушени од чад, а твоите инспектори не можат да откријат од каде доаѓа чадот.

Петре е жител на Скопје. Не е паднат од Марс. Тој точно знаеше каде доаѓа и кои се главните проблеми. И со кои луѓе во администрацијата ќе треба да работи. И ако мисли дека со подбив кон самиот себе ќе ги одоброволи граѓаните кои го гласале, тоа значи дека изгубил контакт со реалноста. Изгубил контакт со потребите на граѓаните. И изгубил контакт со својата одговорност.

И затоа, во овој случај „роустингот“ изгледа како фаќање сеир со граѓаните што го избрале. А подбивот со себе се чита како подбив со граѓаните.

Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e