ВМРО-ДПМНЕ со преуранетата битка за власт го игнорира најголемиот стратегиски интерес и приоритет на државата, справување со економската и здравствената криза и за отпочнување на преговорите со Брисел.
Врвот на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го спасува претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на сметка на граѓаните на Македонија. Наместо во вообичаена „процедура“ по внатрепартиски чистки на неистомислениците, да биде реизбран едногласно со аплаузи за постигнатите успеси во три изборни циклуси по ред, намесникот на Никола Груевски ја радикализира и партијата и земјата со протести и нови дози на меѓусебна омраза, конфликти и блокади.
ВМРО-ДПМНЕ, како што најави нејзиниот лидер, ќе ја урива на рати криминалната влада којашто почна со работа пред десетина дена, уште недокомплетирана. Велат, тоа било легитимно и демократско право, иако нема допирни точки ни со демократија, ни со легитимитет. Злоупотребата на правото на протести во првата рата е наводно поради загриженоста за поскапување на цената на електричната енергија и големото осиромашување на граѓаните за 150 денари месечно колку што е поскапувањето по домаќинство за просечна потрошувачка на струја.
Неодамнешниот сопственик на хидроцентрали и универзитетски професор добро знаел колку се сомнителни профитите од продажбата на електрична енергија кои оделе директно на контото на Заеви. Тоа е оправдувањето да не се сетат Власите.
Ќе беше многу почесно да се каже вистината дека ВМРО-ДПМНЕ почнува жестоко со кампањата за локалните избори идната година како најважна етапа со евентуална победа да бара вонредни парламентарни избори. Тоа се ратите на Мицкоски за уривање на владата и на парламентот. Задоцнетото признавање дека ВМРО-ДПМНЕ ги подржува евроатланските интеграции искажани, онака патем, со неразбирлив јазик и дека протестите немаат врска со блокадите на преговорите со ЕУ кои треба да почнат годинава е бледо покритие. Унапредувањето на високи позиции на партиските радикали кои отворено се спротивставуваат на Преспанскиот договор и на договорот со Бугарија го кажуваат спротивното. Тешко е да се поверува дека дури и во најрадикалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што не знаат дека без договорите со Грција и со Бугарија нема членство ни во НАТО, ни во ЕУ. Ниту пак без помош на овие најголеми воени, економски и политички сојузи се можни успешни економски и политички реформи и ефикасно справување со последиците од пандемијата.
Целата колумна на Ерол Ризаов за Независен на следниот ЛИНК.