Излезот треба да се бара во мудроста како да надвладеат државните над партиските интереси, иднината да биде поважна од суетите и инаетот. Вратите за коалиции треба да бидат отворени и за други проевропски ориентирани политички партнери за да се реализира стабилно мнозинство во парламентот и одговорна политичка влада.
Поништувањето на преговарачка маса на оваа победа би означило уривање на праведната страна на историјата, обезвреднување на сѐ што е постигнато во изминатите две ипол години и во евроатланските интеграции и во односите со соседите. Тој успех на СДСМ и ДУИ и на нивните коалициски партнери не би смеело да се донесе под знак прашање само поради предизборните ставови во кампањите и во врска со идејата Албанец премиер и со „испраќањето“ на ДУИ во опозиција.
Членството во Европската унија и реформите кои треба да се спроведат во сите општествени односи е тасот кој треба да натежне на преговарачката вага која ќе го мери историскиот предизвик дали ќе се оди напред или назад.
Коалициите кои ќе се случат, ако воопшто се случат, наредните денови треба да се потпираат на државните интереси и продолжување на патот кон прогресот и Европа. Тоа се меѓниците кои јасно ги определија политичките партии и лидери не само во предизборната кампања и во своите партиски програми, туку и со своите храбри одлуки што ги поздрави светот, а дома наидоа на големи отпори и злоупотреби. Сега тие што ги направија сите отпори и попречувања на односите со соседите и со Брисел сакаат и покрај поразот да се прогласат за победници и да управуваат со државата.
За сите политички партии кои освоија пратенички места и ги направија и поддржаа во изминатите две ипол години историските исчекори по 15 години стоење во место би било логично во ваква ситуација да бидат учесници во исклучително тешкиот период пред кој е исправена Македонија. Таквиот консензус е неопходен за совладување на економската и здравствената криза, за забрзување на преговарачкиот процес со ЕУ и за развој на демократијата и правниот поредок во државата.
Целата колумна на Ерол Ризаов за Независен на следниов ЛИНК.