Кој му ги сокри папучите на Иванов?

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановски за ЦивилМедиа:

Ете до каде стигна Македонија: Иванов да мора да свикува вонредна прес-конференција за да се дообјаснува (и, замислете, да прифати да одговара на новинарски прашања!!!) по сведочењата на некаков ноторен, но детален Нинџа, алиас „Самурај“, алиас битанга од висока државна безбедносна доверба, за настаните од 27 април!

Што е уште потрагично, јавноста е поделена околу кредибилитетот на изјавите на Нинџа и на Иванов… Туго, мори, на кого да му се верува?! Тоа, само по себе, е тотален пораз за човекот кој се обраќа од говорницата на вилата на Претседателот на Република Македонија.

И двајцата, секој на свој начин, се очајници, недвосмислено вмешани во настаните од 27 април. И двајцата, секој на свој начин, направија кариери за кои не можеле ни да сонуваат во своите објективни, граѓански „изданија“. И двајцата се на залезот од тие кариери, со компликации кои се предмет на обвинителски истраги.

Сепак, Иванов во своето обраќање до јавноста излезе со еден спектакуларен став што до сега не сме го чуле: „Како претседател на Република Македонија уште пред две години укажав дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија. И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета.“

Памти ли некој дека Иванов „уште пред две години“ – ма, кога било! – укажувал дека во УБК е „главното жариште“ за сите „политички и безбедносни кризи во Република Македонија“? Уште повеќе, памти ли некој дека на Иванов „дијагнозата на Прибе“ некогаш му била важна, бидејќи од таа „дијагноза“ произлезе СЈО, на пример?! На кој начин Иванов смета дека и самиот, интегрално и централно, не е опфатен со „дијагнозата на Прибе“ која, во суштина, вели дека и тој, формално, е заслужен за тоа што УБК со години се одржувала како валкано средство за контрола на луѓе, преку кои се контролирале политичките и криминално-профитерските процеси во државата?

Иванов денеска личи на жртва на педофилија. Го малтретирале, а тој морал да молчи, во замена за претседателските мандати, под услов да не се меша во својата работа. Многу му било тешко.

Нинџа бил една од бруталните алатки за тоа. Уличен насилник чија пара-полициска формација се користела како ултимативен аргумент таму каде што другите средства за компромитација, корупција или притисок не давале задоволителен резултат. Само што и Иванов, а и Мицкоски, сакаат да веруваат дека за таквите валкани методи не знаел Груевски, туку дека биле само во доменот на Мијалков и на неговата УБК-банда. Фирерот беше добар, целата работа ја расипа Химлер, а и неспособните како Гебелс и Геринг.

Koлумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e