Пред малку, Владата на Република Македонија до Собранието испрати Предлог и насоки за изменување и дополнување на Уставот на РМ. По примањето на документот Претседателот на Собранието на РМ треба да закаже седница на која ќе се расправа по предлогот.
Во тој момент започнуваат да течат формалните рокови до првото гласање, односно до моментот кога најдоцна ќе се знае дали е обезбедено потребното 2/3 мнозинство или Собранието ќе се самораспушти и ќе имаме предвремени парламентарни избори.
По предлогот, прво ќе расправа Комисија за уставни прашања со која претседава Претседателот на Собранието. Оваа расправа може да трае најмногу десет работни дена.
Потоа следи пленарна расправа која може да трае најмногу уште десет работни дена.
Овој рок може да биде значително намален доколку има мал број дискутанти.
По завршувањето на расправата, Собранието ќе одлучува за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија. Ова е првото гласање за кое е потребно 2/3 мнозинство.
Тоа значи дека најмногу за дваесет работни дена од започнувањето на собраниската седница со сигурност ќе знаеме дали нашата држава ќе продолжи по својот евроатлански пат или ќе мораме да имаме предвремени избори за да го сториме тоа.
Јас верувам дека во сегашниот парламентарен состав кај опозицијата ги има потребните пратеници чија визија за европска Македонија се совпаѓа со нашата. Верувам дека ќе најдат храброст да го поддржат Договорот од Преспа и заедно да продолжат со нас кон Европа и светот, како конструктивна опозиција на вистински демократска држава.
Како што покажавме досега, ние сме подготвени за доброто и интересите на нашата татковина да соработуваме со секој кој ги дели нашите вредности за Република Македонија како правна држава во која сите одговараат за стореното.
Павле Богоевски, пратеник во Собранието на Р.Македонија