Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
-Како му тргна на претседателот на опозицијата со препискиве, би се рекло дека на Мицкоски не му се пишува добро: пред десетина дена по пошта го поздрави Вес Мичел со порака дека Мицкоски не му ја говорел вистината, а уште таа штета во ДПМНЕ не е санирана, кога сега и Мијалков му пушти катиљ ферман со исто прашање, „Зошто лажеш Христијане?“.
Сепак, вреди да се нотира напредокот во внатрепартиската комуникација кај вмровците, бидејќи имало долги периоди во нивната невесела историја на меѓусебни препирки кога таму Ќосето бил поштар-пошта-носи. Сега, барем, „крварењето“ е литерарно, по фејсбук и по интернет.
Додуша, со часови по првата објава, писмото на Мијалков не можеше да се најде по главните инфо-портали блиски на партијата. На пропагандниот штаб на опозицијата му требаше време за да ја проценат магнитудата на земјотресот што ги беше зафатил. За на крајот да смислат мики-маус, фантастично сценарио: мојата маленкост, ЈАС, сум бил авторот на писмото што Мијалков само го потпишал!
Гревчиња. Ајде мене што ми припишуваат општествено влијание за коешто самите можат само да мечтаат во своите највлажни соништа; и, до тука, е во ред, јас такво влијание, благодарам на комплиментот, имам. Ама со тоа, на сопствената „отворена рана“ дотураат уште малку сол, бидејќи на Мијалков, всушност, му порачуваат: „Ти си толку глупав, што ни писмо не знаеш да напишеш, морало еден Орданоски да ти го составува“…
Мислам дека ова Мијалков лично ќе им го сфати. Верувајте, последиците можат да бидат бомбастични.
А во писмото, Мијалков, всушност, го обвинува Мицкоски („Ти си лажен патриот!“) дека тој е главниот помошник на СДСМ и на меѓународната заедница за прифаќање на Преспанскиот договор. ЦК на ДПМНЕ, пак, токму тоа го тврдеше за Мијалков, дека тој „за грст златници“ им се продал на Заеви и на Бејли, заради што и го „шутнаа“ од партијата како вреќа со болви…
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.