Просто е неверојатна страста со која луѓето се впуштаат во сексуални односи со појавноста, при што стварноста секогаш ја оставаат трудна, а себе си се сметаат за невини. Не велам дека не е важно кој е тој Пиљаковски, човекот кој по долги напори и во некој којзнае колку длабок творечки занес, успеал да напише две или повеќе ултра глупи песнички, или кој е уредникот и директорот кој од галење на државната кредитна картичка не стигнал да прочита под какви кретенизми се потпишува, но секогаш прв на ум ми е системот кој овозможува Македонија да се репродуцира како царство на глупаци, империја во кое медиокритетите изгледаат како кралеви на духот.
Зборувам за системот во кој некоја Агенција, која и самата е израз на стремежот на заедницата за хумор и самозаебанција или, дури, Министерството за култура, се умислуваат како инстанци кои врз конкурсни критериуми ќе ја репродуцираат и развиваат националната култура, ќе “евалуираат” (Каевски) песни и ќе утврдуваат национални мускетари у содржини и по тие основи ќе делат “културни” пари, на секој поет по 100 денари или евра на сметка, како пијандура што тура пари во деколтето на кафеанската пејачка, само многу помалку. Добро, кај филмовите и учебниците, знаат да се завртат и поголеми пари.
Но трњето на таа стварност не му ги боде очите на нашиот човек. Тој ќе се утепа од дебати за некое книженце, ќе инсистира на персонални промени, но ќе внимава да не го допре системот. Односно ќе продолжи да се секса со стварноста која е трудна со неговиот плод кој е очигледно за абортус!
Бранко Тричковски