Како се кали челикот?

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

-Можеби е некаква коинциденција со 11 Октомври, денот на македонското антифашистичко востание, но вчера „налетав“ на низа неодамнешни есеи од британскиот историчар Ендју Робертс посветени на Винстон Черчил – патем, во последните петнаесетина години, најголем дел од студентите со кои разговарам немаат поим кој е Черчил, па вие сами извлечете заклучоци за тој „феномен“ – од кои човек, одново, може, на некој начин, да се инспирира… И тоа од онаа биографија пред, всушност, Черчил да се запише со најголеми букви во светската историја.

Роден е како „седмаче“, два месеци порано, а татко му (кој на Винстон гледал со презир и незаинтересираност) починал на 45 годишна возраст, кога Черчил имал само 20 години. Преживеал сериозен убод со нож во училиште и четири прележувања на пневмонија кога од таа болест лесно се умирало (еднаш за „влакно“ се извлекол), а доживеал и цела серија инфаркти на повозрасни години.

Како војник на Британската империја, учествувал во пет војни на четири континенти (во улога на командант на батаљон, триесет пати се нашол во акции на „ничија земја“ само во Првата светска војна). Во 1896 година во Индија морал со својот маузер да стрела во четворица „дервиши“ кои сакале да го заколат (биле нападнати од десетпати поброен противник, а тој ден неговата регимента во таа борба изгубила четвртина од својот состав). Нешто подоцна, во Јужна Африка во 1899 година, бидува заробен и успева да побегне од логор за воени затвореници, откако се спасува од заседа во која гинат третина од неговите соборци. Преживеал три тешки автомоболски несреќи (вклучувајќи и една многу сериозна во Њујорк), две паѓања на авионите во кои се возел, со денови бил во бесознание по пад од мост на висина од десетина метри, преживеал голем пожар во куќа, среде ноќ, во која престојувал, а за малку, во една прилика, и ќе се удавел во Женевското езеро…

Всушност, неговите биографи се чудат како е можно да немал доживеано (и преживеано!) атентат врз себе, што е необјаснива историска „аномалија“ кога е тој во прашање.

Така „подготвениот“ Черчил бил единствениот конзервативец во Британскиот парламент кој ќе го отфрли Минхенскиот договор, од 1938 година, со нацистичка Германија. На 65 годишна возраст, во 1940 година станал премиер на Велика Британија, и ќе ја „истера“ целата Втора светска војна, до 1945 година, на таа функција. Веднаш потоа ќе ги загуби изборите (!), за повторно да стане премиер од 1951-1955 година. Умрел на 90 годишна возраст, во 1965 година.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e