Јанкуловски: Колку вие поумни толку ние побрзо без скафандери!

Јас сум една капка во морето кое е полно со ваков тип космонаути. Моево писание не е за да привлечам БРАВО, тоа го имаме веќе одамна сите и навистина многу ни значи и ни помага секојдневно.
Си ја сакам работата како и сите мои колеги и ова го работиме со многу љубов и енергија бидејќи знаеме дека тоа што го правиме е за здравјето на сите нас. Не ни е воопшто тешко што сме речиси по цел ден во скафандери, ракавици, маски, визири. Не ни е воопшто тешко иако еве фатија и жештини и верувајте не е баш едноставно да си во скафандер и да имаш чувство како да си во сауна (иако можеби помага тоа во слабеење).
Во ниту еден момент не помислуваме на ова, едноставно знаеме дека тоа ни е работата, тоа ни е задачата и си ја извршуваме крајно совесно и професионално.
Океј, и интересни сме така облечени, некои не` загледуваат како атракција, некои не` избегнуваат, а многумина веќе и не завикаа Космонаути благодарение на детенцето што така ме нарече. Знам, јасно ми е дека и вам ви е смачено од седење дома, од полициски часови, од забрани и сите едвај чекате да излезете и да прошетате. Да се видите со комшиите.
Но верувајте дека ние можеби и со многу поголемо ЕДВАЈ чекаме да ги соблечеме скафандерите, да прошетаме со семејствата и пријателите. И ние сакаме да стигнеме да испазариме нешто, да стигнеме отворени продавници или банки.
Затоа искрено и најискрено од мое име, од името на моите колеги од Аполо 6 и од името на сите засегнати Ве замолувам:
Почитувајте ги препораките, не се опуштајте премногу, се уште не е се готово. Излезете ама внимателно, совесно и заштитени како што треба. Држете растојание, не се групирајте. Издржете затоа што уште време ни е потребно за да ги симнеме маските. А тоа време ќе го скратиме само ако функционираме заедно 😉
Колку вие поумни толку ние побрзо без скафандери.
колку вие посовесни толку ние побрзо со вас заедно на прошетки.
Колку вие поодговорни толку помалку полициски часови.

Ви благодарам на разбирањето и се надевам дека ова ќе стигне и онде каде што досега имало бариера.

Слушајте ги Венко и Денко.

Гуш и бац

ФБ статус на д-р Денис Јанкуловски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e