Хеклерите на добрите чичковци

Не, не мора да се брза со пополнување на празните места во Владата. Можеме и без министер за здравство. Еве ДИК веќе донира таму-ваму, можеби и пациентите со ретки болести ќе добијат таква донација за да си купат некој од прескапите лекови…

Но, велам дека не мора толку многу да се брза, имајќи предвид дека од хуманитарен карактер ќе биде и утрешниот ракометен натпревар Вардар – Металург: приходот ќе биде наменет за операција на Борче Јовановски (16) во Италија. Во салата ќе бидат поставени и кутии за донации. И тоа не е сѐ. И средствата од натпреварот Металург – Динамо Панчево (на 12 декември) ќе бидат наменети за хуманата акција.

Не знам со каков кадровски предлог игра Села, и со каков предлог играат Заев и Ахмети, дали паркетот е добро избришан за да не се лизне некој, ама ако случајно им недостига министерски кадар за ресорот здравство, нека ги имаат на ум луѓето од стручните штабови на двата клуба. Тие во моментов доброволно ја покриваат работата на здравствените власти.

Се прашувам, како би звучело кога портпаролот на Владата би излегол на прес-конференција, за да соопшти: за нов министер за здравство е избран… Раул Гонзалееес!!! А зошто да не? Борко Ристовски еднаш го прогласивме за министер за одбрана. И подобар беше од тогашниот, вистинскиот. Бидејќи Македонија се брани со резултати, а не се пароли.

Груевски папагалски прашува каде се видело полиција да апси пред малолетни деца? Каде се видело да апси режисер? Епа во Македонија се видело. Токму во мандатот на неговата влада

Тоа мора да го разберат и оние што со денови трубат дека во притвор завршиле луѓе што ја сакаат Македонија и сакале да ја одбранат. Од кого? Од што? И како ја бранеле? Со тоа што биле мотивирани и нас’скани да тепаат и да убиваат свои сограѓани, а други им овозможиле непречен пристап за тоа? И ако навистина верувале дека ја бранат, зошто имале причина да се срамат и да се кријат под фантомки за никој да не им ги види лицата? Но, изгледа точно знаеле дека не ја бранат баш Македонија, туку група нејзини цицачи и нивни наредбодавци. И тоа за привилегии. Накусо кажано – патриоти за зелени банкноти.

Целата колумна на Катерина Блажевска објавена на Призма прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e