-Секој 1 август, во предвечерјето на големиот празник, македонските семејства се исправени пред истата дилема – кој пат да го фатат следното утро за Илинден? Дали за големиот празник да се оди на Мечкин Камен, во Пелинце или во Скопје, тоа е хамлетовската дилема на која секој Македонец мора да се најде мудар одговор, да се најде некој разумен компромис меѓу желбите и можностите.
Таткото внимателно ги чита програмите, мајката е со дигитронот и пресметува патни трошоци за секоја од дестинациите, децата се тегнат кој да ја носи античката кацига, а кој кубурата. Тешко оди договарањето, тешки се преговорите за името на дестинацијата, можеби потешки и од оние за името на државата.
– Жено, во Крушево ќе биде Хорхе. Задњи Илинден му е ко претседател, тоа ќе биде спектакл – вели таткото, сукајќи си ги гоцевите мустаци.
– Не може, скапо е. Шест патарини, плус гориво, а ќе сакате локум со црешово топче, приврзок за колата со шеснаескрако сонце… – вели мајката додека го мести везот од народната носија пред огледалото. Потоа убедливо додава: – Немој да си тажен, душо, ако останеме во Скопје, ем ќе положиме свежо цвеќе на пет-шест споменици, ем ќе ми остане време да фатам нешто по дома, да зачистам.
– Две години како не сум бил на Мечкин Камен… – гледа во една точка таткото, задржувајќи си ги солзите.
– Уште оваа година, душо. Догодина ќе продадеме нешто, ќе те носам и на средбата во Трново, ти ветувам – го прегрнува мајката, а потоа со насолзени очи ги гушкаат и своите деца.
Мора да се признае, не е во сите семејства вака идилично, ова договарање често завршува со кавга, наместо со македонско национално единство.– Да не одиме во Крушево!? Па, останало ли мори во тебе нешто патриотско! Хорхе во џебот носи вето, што ако го истресе џебното вето качувајки се со свитата нагоре по планината или џепароши ако му го украдат? Кој ќе го бара ако не сме таму барем дваесет илјади комити и уште толку од фалангата! Кој е го одбрани ако недај боже некоја Злата го нападне со непозната течност од устата како онојпат Бранко, девеесет и седмата… – вика сопругот.
– Прво не се викаше Злата, туку Сребра! Второ, не беше Бранко, туку Киро! И како трето не беше девеесет и седмата, идиот еден, тоа беше Илинденот на кој се запознавме, си ни ја заборавил годишнината… – прснува во плач унесреќената сопруга.
Да не зборуваме за оние кои мора да поминат низ најголемата траума за секој родител за Илинден. Ќерката, едвај полнолетна, со кнедла во грлото ти пристапува и едвај чудно изустува:
– Дечко ми утре ќе ме носи на Пелинце.
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.