Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:
Никола Груевски и Христијан Мицкоски ги извадија маските и сеат ли сеат вируси низ Македонија поопасни од Корона.
Ни три дена не траеше лажната и лицемерна солидарност на ВМРО ДПМНЕ. Се огласија во дует Груевски и Мицкоски. Првиот, избеганиот осуденик, од Будимпешта лажно се претставува како голем научник и доктор по економски науки, за да ги поткрепи своите совети. Азилантот предлага брза интервенција во буџетот и задолжување од неколку стотици милиони евра за спасување на македонската економија. А, вториот, од татин докторант за енергетика, се унапреди за еден ден во врвен лекар небаре примариус, па дели совети за отстранување на светската опасност кај нас со масовно тестирање за да поентира со небулозата дека завршил медениот месец на Венко Филипче. За да се комплетира дуото во трио по нивните погребални рефрени кои во Македонија одекнуваат како повик за паника и хаос басира со ча, ча, ча.. Александар Николоски.
Паниката на раководството на ВМРО ДПМНЕ доаѓа од фактот што не успева да се пронајде себеси во овие тешки моменти, особено по огласувањето на владата, на премиерот Оливер Спасовски и предлогот на Зоран Заев дека се подготвуваат првични мерки за поддршка на економија за повеќе од 200 милиони евра, најмногу по глава на жител од целиот регион и со отварање на повеќе пунктови во Скопје и во целата земја за тестирање од корона вирусот. Злосторничкото здружение внесува конфузија и хаос во јавноста со предлози кои веќе се во процедура нанесувајќи штети рамни на обиди за подривање на државата во време на вонредна состојба во време кога треба најмногу студени глави, дисциплина и национално единство.
Откако ја задолжи државата за повеќе од пет милијарди евра кои ги фрли на споменици, на потрага по славно античко минато со фалшив барок и рококо во своја слава и откако од Македонија направи Потемкиново село, Груевски против кого се водат повеќе судски постапки за големи злоупотреби и корупција, замислете сега бара милионски заем и итен ребаланс на буџетот за да го спаси здравјето на економија и на државата. Човекот што со своите партнери во 11 годишниот режим ја зароби и опустоши државата има и рецепти како да го спаси светот па со целиот свој умствен капацитет ја советува владата да ги инвестира парите за иновации во македонските институти да откријат час поскоро вакцина против корона вирусот. Така Македонија ќе ја спаси планетата земја и ќе заработи милијарди долари и ќе се закити со нобелови награди по медицина. Дали ваква будалаштина може да се коментира освен човек да седне и да плаче од мака и да се крсти со двете раце.
Целата колумна на „Независен“ на следниот ЛИНК.