Ѓубре

Ви ја пренесуваме најновата колумна на Златко Теодосиевски.

Ако го читате Ордановски, а знам дека сите го читаат, тоа барем се гледа од бројките на неговите колумни – освен, се разбира, ако самиот не си „клика“ по десетина илјади пати, што е вон памет, зашто за тоа би му требале денови – ќе заклучите дека во државава баш се’ е „згодно споиво“, само ако некој тоа сака да го види. Особено највисоката извршна власт со криминалното здружение, нешто што нашето минато искуство го потврди и што функционираше беспрекорно толку години. А по правило баш државата (односно нејзината извршна власт) би требала да биде она „око соколово“ кое гледа се’ (а не мора баш да слуша се’, како што правеа претходнине!) и – да постапува сообразно на законите, тоест на правото, ама и правдината. Зашто, повторно, држава без правдина не бидува. Таа и таква творба е само гомора, само некакво свирипичино во кое што владеат ајдуци и мафиози, калпазани и шупелки. Савиано вели дека југот на Италија, особено делот на крајбрежјето околу Наполи и пошироко, всушност е изграден врз смет, врз отпад (главно токсичен!) складиран од страна на криминалните банди познати во италијанската историја под различни имиња, а кои на тие зделки заработувале огромни профити. Токму на тоа почнува да ме потсетува и Македонија – фактички и метафорички – која што сака да продолжи на патот кон ЕУ и НАТО ама не сака да се справи со своето ѓубре. Односно, сака да гради нова држава – нов живот, што се вели – ама врз отпадот од старата. Тоа досега никој во историјата не успеал. И токму тоа, по којзнае кој пат, ни го кажува оној non-paper. Дури ни поголеми, побогати, посилни, повлијателни држави од нашата не успеале на тој не-начин да се справат со сопственото ѓубре. Иако во тие – поголеми, побогати, посилни, повлијателни држави од нашата – има поголема маса чесни граѓани кои полесно би ги „абсорбирале“ криминалците. А имаат, богами, и сериозни закони, обвинители, судови, па и затвори, кои што туку-така не ги пуштаат во домашен притвор осомничените за тероризам и обид за пуч! Ќе биде ли оној non-paper некакво освестување?

Една професорка вели: силните прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат! (Убаво кажано, а особено нејзиниот пример со знамето од времето на Илинден, и не само тоа, што денес, од страна на „јужниот сосед“, јасно и гласно беше протолкувано како уште еден израз на иредентизам). Ок, ама мора ли оваа држава секогаш да изигрува – или навистина е’? – слабак, па и кукавица во секој поглед, па дури и кога станува збор за внатрешни работи како што е справувањето со криминалните банди од минатото, безмалу сите со очигледни докази за дивеење против државата и народот? Ако државава мора на надворешен план да го толерира – како поблаг израз од „трпи“ – диктатот на посилните од ЕУ, а во името на некакви повисоки цели (кои што, патем, не се спорни!), зарем мора тоа да го прави и на внатрешен план, со целата бившорежимска структура? И зарем оној non-paper не говори токму за тоа? И уште колку пати ќе мора да ни повторат?

Тешко е да се поверува дека, ете, некој се нафатил да ги аминува, да ги помилува, туку-така, сите нивни злосторства, а во името на некаква иднина на државата, ама се’ некако натаму оди мислата. Јас (се обидувам) во тоа (да) не верувам, а сигурен сум дека тоа никој нормален и не би го направил. Или, ако го направил, тој си потпишал смртна (не само политичка) пресуда неговото име целосно да биде отстрането на македонската историја. И, патем, тоа никако не би била некаква новост во историјата на човештвото: стариот Египет е преполн со изгребани имиња на фараони од ѕидовите на храмовите, почнувајќи од Хатшепсут, преку Екнатон, па наваму.
Но, македонската современа приказна започнува да остава премногу такви и слични сомнежи кои што, секојдневно, како да се дополнуваат и потврдуваат, а никој не се ни обидува да ги оспори. Добро, можеби таквите „дребности“ се’ уште не се ставени на дневната агенда. Можеби, прво, е битно да се сместат таму када што им е местото оние од врхушката, а за стадото ќе се мисли подоцна. Ок, ама премногу нешта почнуваат да бодат очи, да излегуваат од рамката на случајностите, барабите повторно креваат глава и ни брцаат прст во око, а ние – што треба да правиме? И понатаму да ги толерираме? Не знам дали луѓето од највисоката власт ги читаат, или им ги читаат, постовите / коментарите на социјалните мрежи од некои видни – добро, видни е глупав израз за тие поединци, тие никако не се бореа за да бидат „видни“ – учесници (не само) во „Шарената револуција“? Па и не само од нив, нели, ама човек мора малку да се подзамисли! (Но и да праша: абе, извинете, што се случи со оние неколкумина од „шарените“ кои заседнаа во Парламентот? Занемеа? Да не е тоа заразно?). Коментарите по социјалните мрежи, сакале ние тоа да го признаеме или не, се одличен индикатор за расположението токму на оној дел од симпатизерите, приврзениците, соборците на оваа власт, а тој дел беше / е’ голем. И ѓаволски му пречи толерирањето на квислинзите и петтата колона, чудното игнорирање на нивните улога и заслуги за толкугодишното функционирање на режимот на овчарот, дури, во одделни сегменти, приоритетното задоволување на сите нивни потреби и денес. Заложбите за поставеноста на новиот демократски поредок – а овој мора токму таков да биде, нов и демократски, инаку нас нема да не’ биде – едноставно се неспоиви, спротивни и спротивставени на форсираното премолчено толерирање на отпадот од бившиот режим. И не само тоа, туку и нивното се’ погласно барање некакви права – како да ние ги имавме во времето кога тие дивееа на овие простори! – кои не се ништо друго туку потсмевање и, да простите, отворена заебанција со целиот чесен народ во оваа земја. Зашто, ако еден „градежник“, без оглед што градел насилно и противзаконски, бара да му се платат сите трошоци што ги направил ако властите ги сменат дуп-овите, а одговорните молчат, на што упатува тоа? Да не’ ќе треба сега на таквите повторно да им се долеваат народни пари, сега на име надомест на „штета“? Или ако погледнете кој се’ во културата повторно се богати – снима „филмови“, издава „книги“, прави „претстави“ … – на грбот на буџетот, и тоа, велат, со интервенции од највисоки места, тогаш што треба да мислат оние кои беа репресирани, дистанцирани, депривирани, малтретирани цели дванаесет години токму од пајташите на овие бараби? Се задушувавме во нивното ѓубре цели дванаесет години, малку ни беше? Моравме да ги гледаме нивните срања наречени филмови, да ги читаме нивните испрдоци крстени книги, да се воодушевуваме на нивните деветнаесетовековни „спектакли“ во театрите, да се смееме на нивните идиотски стенд-ап шеги … Гомората наречена Македонија стана културна депонија на библиотекари-академици, на алуминизирани до лудило сликари, на дилетанти самопромовирани во скулптори, на митомански писатели, на партиско маалски философи, на дилетантски сестрински филмски мануфактури и разлигавени режисерски кодошчиња …, малку ни беше? Па добро, дајте уште, да видиме колку можеме да издржиме! Или барем, ако веќе некој не може без нив, издвоите ги, изолирајте ги од нас, да не им ги гледаме суратите и слушаме паролите за големата љубов кон народот и татковината, дајте им еден цел буџет само за нив, нека се глодаат меѓу себе ко гоморски пци, зашто друго и не се, а нас нека не’ остават раат. Гоморното ѓубре нека скапува заедно и нека не ни ја труе околината!

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e