Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
Во оваа земја сите станавме експерти за проблематиката за прислушување телефони. Мислам дека нема друга држава во светот во која, на квадратен километар, по глава на жител, од година на раѓање, имало повеќе афери за прислушување, од оваа наша Северна Македонија.
Со таа експертиза зад себе, си дозволувам да изјавам дека последниов телефонски скандал, соопштен речиси на станување на прес-брифинг од страна на државниот јавен обвинител, мене ми изгледа, така, малку фиши-фиши… Дал е ова нова афера? Дал е уште еден телефонски заговор против независноста на обвинителите и судиите? Или некој, сепак, не го дочитал до крај упатството за употреба на телефонската централа!?
Прво, ако успеав добро да сфатам, во Јавното обвинителство уште пролетоска нашле два хард-диска на кои, никој не знае зошто и со чија наредба, се снимани сите локални телефонски разговори во зградата на Обвинителството – па, зошто сега, зимоска, ни се соопштува таа спектакуларна вест, дека се води и предистрага за тоа откритие, ако до сега ни на информативен разговор не се поканети некакви, некои луѓе?! Или на обвинителиве им прејде во навика да ги предупредуваат потенцијално осомничените во петок дека од понеделник може некој да биде повикан на распит, за да им се даде цел викенд да заминат за Огнената земја или во Того, со карта во еден правец?!
Второ, премиерот, кој изгледа уште како мал има голтнато нога од кокошка, кога го бањале во казанот на Астерикс со магичната течност за храброст и издржливост, во свој стил ја дополни информацијата со викендашки бонус-податок дека не е само Обвинителството во кое се снимани разговорите, туку истата практика е правена и во Скопска Единица…
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.