Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
Александар Николовски така се беше залетал и запењавил доцна вечерта соопштувајќи ги ставовите пред камерите по состанокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што морав да го проверам датумот во календарот: не, бе, не е април 2017, не е ни февруари 2015, па дури ни декември 2012 година – октомври е, 2018! Што му стана на човеков за да демонстрира таква агресија и таков заканувачки тон – како кога ги читаа, памтите, посмртниците за западните амбасадори во онаа приквечерина на Долгите Ножеви – па со зацрвенети од возбуда образи, во идно-минато време диктира услови до власта како штотуку да победиле на изборите кои имаат намера да ги бојкотираат.
Туф, туф, туф… Да се смрзнеш од страв од одлуките што ги донел ИК на ДПМНЕ пак да ја земат Македонија во заштита од домашните предавници и светскиот заговор! И тоа баш дента кога некогаш арогантната и семоќна г-ѓа Гоца-Брк Јанкуловска утрото се расплака во судот на завршетокот на најлесниот судски предмет од десетината пред кои е кривично исправена.
Не многу часови пред тоа во Москва, по заедничката средба на врвот, Вучиќ соопшти дека добил сè што побарал од Путин, само не може отворено да каже за што разговарале. А бидејќи најважното што го разговарале, знаеме сите, е Косово, може ли таков српско-руски муабет да се води без да се вмеша и Македонија на масата, во тајните гаранции на Путин до Вучиќ? Еве, јас не сум паметен, вие кажете…
Впрочем, само пред два дена, во официјалните изјави и од Вашингтон (Бејли и усно ни ја прераскажа) и од Брисел, во апелот за разум до Мицкоски, доминираат зборовите „регион“, „стабилност“ и „безбедност“. Груевски и Мијалков (инсистирам, по тој редослед) мислеа дека се поголеми курнази од овие што имаат 24/7 дежурен авакс врз Македонија и дека, кога и на нив им го соопштуваа истото што сега, сè уште воспитано, му го кажуваат на Мицкоски, можеа лаконски да поминат со а-бе-кој-ги-е… За овие со аваксите не знам кој ги…, ама за нашиве точно знам кој ги пое…
За што плаче сега Гордана во суд, ве молам? Или она не била информирана за сè, како што ми личи токму сега и овој тинејџерски забревтан Николовски дека ќе раскажува наоколу кога ќе цмиздри за некое време? А што пари, време и енергија потроши германскана фондација „Конрад Аденауер“ за да ги научи вмровците како се држат политички нож и виљушка на цивилизирана европска маса во 21 век, за сега еден Мицкоски да си ги избрише чевлите од ЦДУ на Меркел како да се работи за чергата на некаков Стевчо Јакимовски на враќање од Ниш!
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.